Search

Грчева: Нашите студенти студираат во полоши услови од целиот регион

Од партијата „Глас за Македонија“ на Солза Грчева го обвинуваат Министерството за образование и наука (MOН) дека покажува целосно непознавање на проблемите кои се во неговата сфера на делување.

Така, од оваа партија јавно прашуваат зошто и по поминување на првиот годишен квартал не е објавен „Конкурсот за распределба на средства за учество на домашни истражувачи на меѓународни научни собири за 2019“.

„Досега овој конкурс беше објавуван во јануари. Значи ли тоа дека овие средства се укинати или се работи за чиста негрижа од страна на МОН. Со новиот буџет парите за наука беа срамно преполовени, со што оваа најважна гранка е оставена да се развива стихијно и од лични средства на научните работници чиј материјален статус тоа не го овозможува“, велат од „Глас за Македонија“ од каде додаваат и дека актуелната власт се однесува како воопшто да не и треба наука.

Исто така партијата прашува дали ресорното министерство планира да овозможи бесплатен пристап до електронски библиотеки со научни списанија, за сите научни работници, но и за студентите.

„Без ова не може да се направи ниту еден чекор напред во науката. Се додека ова не се овозможи, нашата ‘наука’ ќе биде изолирана и постепено ќе се претвора во квазинаука“, стои во партиското соопштение.

Третото прашање кое го опфаќа исото е дали во законот за Високо Образование конечно ќе се воведат минимум национални стандарди за избор во сите научни звања и ќе важат за сите универзитети подеднакво.

„Она што сега се случува, наликува на комплетен распад на високото образование. Исто така компонентата за студентски стандард во овој закон не е воопшто развиена. Нашите студенти студираат во полоши услови од целиот регион“, констатираат од „Глас за Македонија“ и додаваат дека во високото образование не е направен ниту еден системски, важен зафат.

Треба да знаете
Последни објави