Search

Грција ќе биде меѓу првите европски земји што ќе ги исфрли пластичните производи за еднократна употреба

Целта е Грција да биде една од првите земји во Европската Унија што ќе ја повлече пластиката за еднократна употреба, усогласувајќи се со директивите од унијата, изјави министерот за животна средина и енергија на Грција Костис Хаѕидакис, презентирајќи го предлог-законот за намалување на последиците од одредени пластични производи врз животната средина, согласно европските упатства.

Паралелно, Министерството заедно со невладина организација започнува кампања „Грција без пластика за еднократна употреба”.

– Секоја година во Грција се продаваат две милијарди пластични шишиња со безалкохолни пијалаци и вода и повеќе од 300 милиони пластични чаши за кафе. А последицата од сето ова е 50 отсто од отпадот во морето е пластика за еднократна употреба. Јасно е дека проблемот со загадувањето со пластика не е во сферата на имагинацијата, туку е реалност за која се потребни сеопфатни мерки, со реални цели и учество на сите во заедничкиот напор, рече министерот за животна средина и енергија на Грција.

Европските упатства предвидуваат од јули следната година да се забрани продажбата на пластични производи за еднократна употреба како што се: прибор за јадење, чинии, сламки, чаши, производи од стиропор, контејнери за храна од стиропор, стапчиња за уши и слично, а забраната во Грција ќе почне шест месеци порано во јавниот сектор, за како што рече Хаѕидакис, „да му покажеме на светот дека ние го правиме првиот чекор, а зборовите се усогласени со праксата”.

Освен европските упатства, Грција ќе воведе и дополнителни мерки на национално ниво, како што е такса за заштита на животната средина од почетокот на 2022 година, но и санкции и казни за прекршувачите.

За да се намали употребата на пластични шишиња со вода од јули следната година ќе се постават јавни чешми на спортските терени и детските игралишта.

Треба да знаете
Последни објави