Search

Грција-САД: Потврдена заедничката желба за продлабочување на соработката

Денеска во Солун разговаравме за долготрајно зајакнување на американско – грчките односи, Западен Балкан и за деескалација на тензиите во Источниот Медитеран, напиша американскиот државен секретар Мајк Помпео на неговиот официјален „Твитер” профил по неговата средба во Солун со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за надворешни работи на Грција, од своја страна, исто така на „Твитер”, коментираше дека првата посета на Помпео на Солун е одлична можност да разговараат „за начините за дополнително унапредување на силното стратешко партнерство меѓу двете земји”.

Дендиас и Помпео го разгледале стратешкиот дијалог на високо ниво меѓу двете земја, а според заедичката изјава, била потврдена „заедничката желба за продлабочување на соработката” во неколку области како што се регионалната соработка, одбраната и безбедноста, борбата со тероризмот, трговијата и инвестициите, енергетиката, како и врските меѓу граѓаните.

Во однос на регионалната соработка, во заедничкото соопштение пишува дека САД и Грција споделиле ставови за Источниот Медитеран и го потврдиле нивното верување дека прашањата за морско разграничување треба да се решат мирно во согласност со меѓународното право.

Исто така била повторена и поддршката за ЕУ и НАТО перспективата на земјите од Западен Балкан.

Паралелно ја истакнале „континуираната важност на историскиот Договор од Преспа” и важноста на доследната имплементација”.

Двете земји ја повторуваат и посветеноста на унапредувањето на блиската соработка како сојузници на НАТО, но и заедничката намера за дополнително зајакнување на стратешкото партнерство во одбраната и безбедноста преку проширување и продлабочување на Договорот за меѓусебна одбранбена соработка меѓу САД и Грција, кој последен пат беше ажуриран во октомври 2019 година.

Американско – грчката соработка, согласно заедничката изјава, продолжила без проблеми и покрај пандемијата,  во однос на спроведувањето на законите, апсењата, заплените и екстрадициите.

Во енергетиката, САД и Грција го поздравија завршувањето на грчкиот дел од гасоводот ТАП и очекуваа на претстојниот Стратешки дијалог да разговараат за „нивната взаемна поддршка за Интерконектор Грција-Бугарија, проектот со пловната единица за складирање на течен гас во Александруполи, приватизацијата на подземното складирање на гас во Кавала, Интерконекцијата меѓу Грција и Северна Македонија, како и за други проекти”.

Третиот Стратешки дијалог меѓу двете земји ќе се одржи следната година во Вашингтон.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека посетата на Помпео, втора за една година, „ја одразува клучната улога што од една страна ја има Солун како развоен центар на Балканот, а од друга страна Суда за геострашеките планови во Источниот Медитеран и на Блискиот Исток”, но и ги истакнува „обновените стратешки односи меѓу двете земји”.

Додаде дека во изминатиот период има промена во американската надворешна политика во однос на грчко – турските односи и наклонетост кон позициите на Грција.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео од Солун ќе замине за Крит, поконкретно за градот Хања, каде што ќе престојува во домот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а утре, заедно ќе ја посетат воената база во Суда.

На средбата, според Пецас, Мицотакис и Помпео ќе имаат можност да разговараат за низа прашања поврзани со Источниот Медитеран, безбедноста, одбраната итн.

Треба да знаете
Последни објави