Search

Грција и Кина со 16 договори за соработка ги продлабочуваат билатералните односи

Проширувањето и продлабочувањето на билатералните односи беше во фокусот на средбата на премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис и претседателот на Народна Република Кина, Си Ѓинпинг на нивната денешна средба во Атина, а паралелно двете делегации потпишаа 16 договори за соработка во различни области, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис на почетокот на средбата на грчката и кинеската делегација рече дека неговата посета на Шангај и денешната посета на Си Ѓинпинг во Атина, означуваат нова ера во односите меѓу Грција и Кина, а кинескиот претседател се осврна и на зголемениот, за два и пол пати, обем на размена меѓу двете земји и истакна дека 16-те билатерални договори ќе ја зајакнат соработката и ќе дадат дополнителен импулс во економските односи.

На прес конференцијата по средбата, Мицотакис рече дека сега, кога Грција одново презема главна улога, не само во регионот, туку и во Европа, ќе ги прошират заедничките цели со Кина и истакна дека “патот што го отвораат, ќе стане булевар”.

Си Ѓинпинг истакна дека и двете страни сметаат дека Кина и Грција се природни партнери за формирање “еден појас, еден пат”, а паралелно изрази убеденост дека “за националниот и инвестицискиот интерес на двете земји, и Кина и Грција ќе продолжат со меѓусебното разбирање и соработка”.

-Во Атина се потврдува она што беше констатирано пред неколку дена во Шангај, дека односите меѓу нашите две земји се потопли од било кога до сега. Нашата доверба е факт, а нашата соработка е отворена за многу нови, продуктивни хоризонти, рече Мицотакис и додаде дека повторно ќе ја посети Кина во април следната година за да учествува на иницијативата “17+1”.

-И Кина и Грција се наоѓаат во важна фаза на реформи и развој. Двете земји посакуваат да се изградат во просперитетни и силни земји, а нашите народи бараат потесна и пријателска соработка што ќе биде ефективна, но исто така и со заемна корист, рече кинескиот претседател и додаде дека во изминатите години Грците покажаа “голема издржливост и напорно работеа за да ја вратат нивната самодобверба и економскиот развој”.

На крајот од средбата во премиерска палата, во присуство на Кирјакос Мицотакис и Си Ѓинпинг, надлежните министри и функционери ги разменија потпишаните договори и меморандуми за соработка и разбирање.

Поконкретно, Грција и Кина потпишаа договор за екстрадиција на лица по кои е потпишана потерница; Меморандум за разбирање за промоција на инвестициската соработка; листа на основни проекти во рамките на соработката 2020, односно нови инвестициски планови; Протоколи за извоз на шафран и актинидии од Грција во Кина; Меморандум за соработка во областа на радијата, телевизиите и аудио визуелните услуги; Меморандум за разбирање за соработка во спортот, поконкретно за лицата со инвадилитет; Меморандум за соработка меѓу воздухопловните власти; Договор за основање Центар за кинески студии во Грција; Меморандум за разбирање за успешна имплементација на мстер планот на COSCO на атинското пристаниште Пиреас, а исто така беше соопштено и основање филијали во Грција на две кинески бакнки, на Bank of China и на Industrial and Commercial Bank of China.

Во попладневните часови, Мицотакис и Си ќе ги посетат централните канцеларии на COSCO на атинското пристаниште Пиреас.

Кинескиот претседтаел претходно беше примен и од претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, на која присуствуваа и делегациите од двете земји.

Си Ѓинпинг утрово положи цвеќе на споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот Парламент, а пречек му приредија и негови сограѓани кои со кинески знаменца се собраа во центарот на Атина.

Претседателот на Народна Република Кина, синоќа пристигна во Атина, а заминува утре откако претходно заедно со Павлопулос ќе го посетат музејот на Акропол.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, освен големата владина делегација, официјалната посета на Си Ѓинпинг во Грција ја следат и 106 акредитирани претставници на медиуми од Кина.

Треба да знаете
Последни објави