Search

Група за религиска слобода ќе се бори против користењето на Библијата за Вселенските сили на САД

Воената фондација за религиска слобода (МРФФ) вети дека ќе се бори против користењето на Библијата за Вселенските сили на САД и се заканува со правно дејство ако ритуалот не биде напуштен,пренесува „Спутник“.

МРФФ во изјавата рече дека примила бројни поплаки од навредени припадници на воениот и цивилниот персонал во Министерството за одбрана откако Националната катедрала во Вашингтон ја благослови, како што ја нарече, службената Библија на новоформираните Вселенски сили.

Вселенските сили се нова воена служба на САД, основана во рамките на Воените сили во декември 2019 година за обука и опремување за операции поврзани со вселената. Околу 16,000 цивилни службеници и воздухопловци од Вселенската команда на воздухопловните сили ќе бидат распоредени во новата единица оваа година.

Катедралата твитна фотографија од отец Рандолф Маршал кој ја благослови Библијата во недела заедно со генерал-мајорот Стивен А. Шаик, шеф на капеланите на американските воени сили, кој беше во целосна униформа.

Исто така, беше објавено дека Библијата, донирана од Библискиот музеј во Вашингтон, ќе се користи за заклетва на командантите на Вселенските сили, вклучувајќи го и генералот Рејмонд како прв началник на вселенските операции. Од соопштението не беше јасно дали офицерите ќе можат да се откажат од оваа церемонија.

Употребата на Библијата или која било друга религиска книга на воените заклетви е личен избор во САД. Сегашниот началник на Генералштабот на воздухопловните сили, генерал Дејвид Л. Голдфејн, и неговиот претходник, генералот Марк Велш, беа фотографирани со рака врз Библијата на нивните церемонии на заклетва.

Сепак, според клаузулата за слободно практикување на религијата во прирачникот за воздухопловните сили се вели дека лидерите на сите нивоа мора да се погрижат нивните зборови и дејства несмеат да поддржуваат или неодобруваат или да го продолжат повластениот третман на која било религија, вера или отсуство на религија.

МРФФ тврди дека благословот на Вселенските сили ги крши тие упатства. Групата, исто така, вети дека ќе поднесе тужба до секретарот за одбрана, Марк Еспер и ќе им помогне на оние кои ќе поднесат свои жалби до Министерството за одбрана.

„Ако не успеат жестоките обиди на МРФФ да ги употребат сите административни лекови на Министерството за елиминирање на оваа фундаменталистичка христијанска тиранија и угнетување, МРФФ планира да го однесе овој случај во Сојузниот суд во Северна Вирџинија“, се вели во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави