Search

„Групата Квинт” бара од косовските лидери да се посветат на борбата против епидемијата

Амбасадите на Соединетите Американски Држави, Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство во Косово ги повикаа денеска институционалните и политичките лидери во земјата во овој период да се посветат на борбата против пандемијата на коронавирусот, почитувајќи го Уставот и овластувањата кои тој им ги дава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Петте најмоќни држави кои имаат дипломатски претставништва во Приштина, познати како „Група Квинт”, во заедничка изјава што ја доставија и до медиумите, побараа и да се обезбеди интегритетот и функционалноста на Владата и на институциите.

– Во овие тешки времиња ги повикуваме сите институционални и политички лидери да се фокусираат на Ковид-19, почитувајќи ги уставните одредби и надлежностите кои им се обезбедуваат преку Уставот. Бараме од нив да го обезбедат интегритетот и функционалноста на Владата на Косово и на институциите во овој критичен момент. Да се постави борбата против Ковид-19 пред политиката. Ги потсетуваме и дека нашите држави презедоа вонредни мерки во тој правец, се вели во соопштението на „Квинтот”. 

Треба да знаете
Последни објави