Search

Адвокатот на Груевски ѝ се закани на судијката Кацарска

Адвокатот на Груевски ѝ се закани на судијката Кацарска

Сакам да и честитам на судската власт бидејќи денеска стапуваат на сила новите измени во законот за судови каде е нотирано разрешување на судии за непостапување или спротивно постапување на судските норми во европскиот суд, рече еден од адвокатите на Никола Груевски, Боро Тасевски во неговите завршни зборови во предметот „Тенк“.

– Сакаме да ви се заблагодариме што не потсетивте кога судиите треба да бидат разрешени. Во законот има многу наведени причини поради кои судиите може да бидат разрешени – му одговори судијката Добрила Кацарска која е претседателка на судечкиот совет.

Четворицата адвокати на Никола Груевски побараа ослободителна пресуда за нивниот клиент. Во завршните зборови тие меѓу другото ги оспоруваа вештачењата направени од Тале Герамичиоаки и Страхил Глигоров бидејќи немале валидни лиценци во моментот кога ги правеле вештачењата, а ја нагласија и нивната политичка блискост со СДСМ.

Меѓудругото адвокатите посочуваа и дека мерцедесот бил неопходен за да се исполнат безбедносните стандарди посочувајќи ги законските одредби за тоа кои се функционерите кои треба да бидат обезбедени, меѓу другото и со блиндирано возило. Адвокатите посочуваа и дека мерцедесот бил користен за странски делегации.

Според правилата, наведе адвокатката Сања Алексиќ, за посета од само еден ден на странски гостин возилото мора да биде на располагање 3 дена за безбедносни проверки, па така ако се земат предвид посетите на странски делегации кои го користеле новото возило, новото возило дури 500 календарски дена било користено за странски делегации.

Другиот адвокат на Груевски, Боро Тасевски, потсети дека бомбите се незаконски прибавени материјали и дека воопшто не требало да се користат како докази.

Тој посочи дека никој не стои зад овие разговори, не се правело никакво испитување за да се гарантира нивната автентичност и веродостојност.

– СЈО има монопол на сите незаконски прислушувани разговори исто како што имаше и политичката партија СДСМ пред да ги предаде. Таквиот момопол ги става во привилегирана положба да можат да селектираат разговори кои им одат во прилог, а другите да ги игнорираат. Некои можеби се уништени уште пред да се предадат на СЈО. Токму игнорираните разговори може и одат во прилог на одбраната – рече Тасевски.

Со оглед дека се единствениот доказ против Груевски, за одбраната, посочи тој, е крајно неприфатливо ова судење да се смета за правично.

Адвокатот Димитар Дангов зборуваше за законот за СЈО за што потенцираше дека СДСМ не ги предала во законскиот рок, а СЈО не презело ништо да ги преземе.

Треба да знаете
Последни објави