Search

Гренланд ќе привлекува туристи и инвеститори со новите аеродроми

Парламентот на Гренланд го усвои планот за надградба или изградба на аеродроми со кои големиот северноатлантскиот остров сака да привлече повеќе туристи во својата чиста арктичка дивина, пренесува „Локал“.

Два аеродрома – во главниот град Нуук и во туристичкиот центар Илулисат – ќе бидат значително надградени, што ќе овозможи директни летови до Гренланд од Европа и од Северна Америка. Нов национален аеродром ќе биде изграден во Какорток на југот од островот.

Гренланд е автономна данска територија. Плановите се контроверзни поради директното финансиско учество на Копенхаген. Се проценува дека проектот чини најмалку 3,6 милијарди круни (482 милиони евра).

Речиси 20 отсто од финансиите ќе бидат обезбедени од Данска, која придонесува со 3,6 милијарди круни во годишниот буџет на островот. Парламентот го усвои предлогот доцна во четвртокот со 18 од вкупно 29 гласови.

Во септември, проектот го воовлече Гренланд во тринеделна политичка криза во која една независна партија ја напушти владината коалиција во знак на протест против вклученоста на Данска. Социјалдемократската партија Сиумут, која доминира во политиката на Гренланд речиси четири децении, успеа да остане на власт со ново, потесно мнозинство.

„Ние создаваме многу можности за иднината на Гренланд. Не распродаваме”, рече премиерот Ким Килсен во парламентарната дебата, објави локалната телевизија КНР.

Трите аеродроми ќе им служат на главните населени центри на островот во кои живеат 55.000 луѓе на површина четири пати поголема од Франција. Помалите заедници, во меѓувреме, се пожалија дека ќе останат изолирани.

„ Покрај тоа, се покренаа и други ризици, како потврденото присуството на американската војска, што сите не го сметаат за позитивна работа, како и ризиците по животната средина предизвикани од подобритњ меѓународни врски”, рече Мика Меред, професор по арктичката геополитика во Школата за меѓународни односи ИЛЕРИ во Париз.

Од 2009 година, Гренланд е во голема мера независен кога станува збор за економската политика, но надворешната политика и одбранбените прашања остануваат под контрола на Копенхаген.

„Големиот победник во оваа работа е Копенхаген. И на политички, економски и на геополитички план, Копенхаген ги зајакнува своите позиции во одборот визави Кина и тројниот сојуз со Вашингтон”, рече Меред, осврнувајќи се на желбата на Пекинг да инвестира во Арктикот, што предизвика загриженост во САД.

Изградбата на аеродромите треба да заврши до 2023 година.

Треба да знаете
Последни објави