Search

Гренел: Не сум во Косово за политичка дебата, туку за економски развој на регионот

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Германија и специјален пратеник на претседателот Доналд Трамп за дијалогот меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел допатува синоќа во Приштина, каде што беше пречекан од косовскиот претседател Хашим Тачи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пред неформалната вечера во еден од приштинските ресторани, Гренел и Тачи дадоа изјави за медиумите, при што американскиот дипломат порача дека во Косово не дошол да води политички дебати и да интервенира за формирањето на новата косовска влада, туку за да ги промовира политиките на претседателот Трамп за економскиот развој, како во Косово и Србија, така и во целиот регион.

– Сакаме економски да го развиеме овој регион. Младите имаат потреба од работа и тоа е политиката на претседателот Трамп. Економијата на САД доживува експанзија, затоа што рековме дека луѓето треба да ја имаат власта, изјави Гренел.

Американскиот амбасадор во Берлин нагласи дека претседателот Трамп е мошне заинтересиран за постигнување договор меѓу Косово и Србија, со цел двете земји да се посветат на економскиот напредок.

– Претседателот Трамп е посветен на тоа и порачува: Кога имате силна економија, кога имате луѓе кои учествуваат во економијата на нови начини, со нови бизниси, политичките прашања паѓаат, бидејќи тогаш луѓето се концентрираат на нивниот секојдневен живот. Затоа сум јас тука и не сакам да се вклучам во политичка дебата, бидејќи таа не кочи во напредокот. Сакам да ги видам проблемите кои ги имаме, а потоа да ги понесеме Косово и Србија напред, изјави Гренел.

Косовскиот претседател му се заблагодари на пратеникот на американскиот претседател за посредувањето во постигнувањето договор за отворање авиолинија меѓу Приштина и Белград и изрази уверување дека, со посредство на САД, мошне бргу ќе биде постигнат конечен договор со Србија.

– Му благодарам на амбасадорот што го посети Косово. Сакам да му се заблагодарам за договорот што го постигнавме за авио линијата Приштина – Белград. Улогата на САД е неспорна и со претседателот Трамп ќе дојдеме до конечен договор меѓу Косово и Србија, изјави Тачи.

Американскиот дипломат во текот на денешниот ден ќе има официјални средби со државните и политичките челници во Приштина, по што ќе отпатува за Белград, каде што утре претпладне ќе се сретне со претседателот на Србија Александар Вучиќ. 

Треба да знаете
Последни објави