Search

Граѓанскиот сектор активно ќе ги следи преговорите за поглавјето за животна средина

ЗГ „Центар за климатски промени“ со поддршка на Цивика Мобилитас во јули 2020 започна со спроведување на проектот „Граѓанска платформа за следење на преговорите со ЕУ за поглавје 27“ чија главна цел е да ги следи преговорите со ЕУ за Поглавјето 27 – животна средина и климатски промени, односно преку соработка на граѓанските организации активни во областа на животната средина да подготви и презентира извештај (shadow report) за сегашната состојба, предизвици и идни приоритети во областа на животната средина и климатските промени. Имено, преку формирање на Платформата за следење на преговорите за Поглавјето 27 и подготвување на извештајот, граѓанскиот сектор настојува да има активно и конструктивно учество во преговорите и да биде партнер со јавните чинители, особено со Министерството за животна средина и просторно планирање. Ваквото партнерство треба да обезбеди транспарентност и вклученост на сите засегнати страни при утврдување на сегашната состојба и приоритетите во областа на животната средина и климатските промени. Во моментот Центарот за климатски промени го отвори повикот за приклучување на граѓанските организации кон Платформата за следење на Преговорите за Поглавје 27 (П27). Повикот е отворен за сите граѓански организации кои работат на полето на животната средина, одржливиот развој, енергијата и земјоделството, а ќе биде отворен до 30ти ноември 2020 година.

Се очекува преку Платформата да се зајакнат капацитетите на граѓанските организации да го следат процесот на преговарање со ЕУ и да се подобри нивната улога во процесот за приближување и подготовка за преговори со ЕУ за Поглавје 27. Воедно, со цел постигнување на целите и успешно функционирање на Платформата (П27), ќе се реализираат повеќе работилници за подигнување на знаењето на граѓанските организации за процесот на преговарање со ЕУ и барањата на ЕУ законодавството за Поглавјето 27, ќе се изработи комуникациска стратегија, методологија за начинот на учество и следење на преговорите од страна на невладиниот сектор, како и ќе се одржат неколку координативни состаноци со засегнати страни. Како резултат на спроведените активности се очекува во септември 2021 година да се  подготви извештај за позицијата на граѓанскиот сектор за следење на  преговорите за одделните под-поглавја во рамките на Поглавјето 27, кој ќе биде јавно презентиран пред засегнатите страни. Во текот на месец декември ќе се одржи и првата средба на граѓанските организации членки на мрежата со цел отпочнување со работа на Платформата 27. Идејата и потребата за формирање на Платформата 27 за животна средина произлезе уште минатата година кога во мај Република Северна Македонија го реализираше објаснувачкиот состанок за Поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени во Брисел на кој Европската Комисија даде објаснување за европската регулатива (директиви и регулативи) кои ќе бидат дел од ЕУ преговорите. Се очекува во блиска иднина Северна Македонија да ги започне проговорите со одржување на првата Меѓувладина конференција. Независно, јасно е дека треба колку што е можно побрзо да се започне со подготовка за ЕУ преговорите, особено за Поглавјето 27, кое се смета за едно од најкомплексните и секако најскапо од сите останати поглавја  што ќе се преговараат со ЕУ.Во извештајот за напредок за 2019 година и 2020 година, Европската комисија нотира дека Република Северна Македонија е на одредено ниво на подготовка во Поглавјето 27. Постигнат е ограничен напредок во натамошно усогласување на политиките и законодавството со законодавството на ЕУ во клучните сектори. Спроведувањето и примената заостануваат и во наредниот период земјата треба да се фокусира на спроведување на мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, управување со отпад, климатските промени и сл. Исто така, се забележува дека административниот капацитет на централно и локално ниво останува слаб и недоволен. Соработката со граѓанското општество е подобрена, но потребни се дополнителни напори за ефективно учество на јавноста и консултации во процесите на донесување одлуки, е наведено во извештајот за напредок и во 2019 и во 2020 година. Оттука, во процесот на подготовка е многу важно да се води континуиран дијалог со релевантните засегнати страни. За Поглавје 27, еден од најважните и значајни чинители се граѓанските организации (ГО) кои се активни во секторот животна средина и климатските промени.

Повеќе информации можете да добиете на на веб: https://ckp.org.mk/

Треба да знаете
Последни објави