Search

Граѓаните најчесто носат текстилни маски за повеќекратна употреба

Група студенти на ФИНКИ за да покажат колкава е важноста на рециклирањето и циркуларната економија собраа стари алишта од кои потоа се изработија текстилни маски и истите беа донирани низ градовите во земјава, а изработија и мини анкета за тоа колку луѓето носат заштитни маски. Во рамките на студентскиот проект на својот профил на Инстаграм споделија совети и видеа како сами да направите маски.

Во продолжение интегрален текст од Студентски проект: „Користење на заштитни маски за лице за време на пандемија и нивна изработка од текстил”

„Буквално преку ноќ, сè застана. Непоканетиот гостин влезе во нашите животи и успеа да ни ги промени фабричките подесувања, да не запраша кои се всушност најважните работи во животот, а кои помалку важни. Верувам дека никој од нас не беше спремен да претисне ,,стоп’’ на повеќето случувања од секојдневието, но нормално кога така бара ситуацијата, така и ќе постапуваме. Сепак станува збор за здравјето. Воведена беше вонредна состојба, вонредни мерки, онлајн образование, социјална дистанца, карантин. Народот, со бунтување или не, почна да прифаќа дека ситуацијата и не е толку наивна и дека заштитните маски за лице ќе бидат наш пријател подолго време.

Маските за лице се главниот актер и во овој проект, тие се доста дискутирана тема деновиве, нивната улога, цена, нивната достапност во аптеките и материјалот од кои се направени.
Знаеме и самите колкава е важноста на рециклирањето и циркуларната економија, па токму и затоа решивме да ја поврземе ситуацијата со маските и да покажеме дека тие можат да бидат изработени и од текстил или стара облека.
Сакаме да ја видиме реакцијата на граѓаните во врска со таквите маски, да ги прашаме дали би користеле и дали би изработиле маска од стара облека. Со тоа, маските се за повеќекратна употреба, заштедуваме пари и секако старата облека ја искористиме на многу корисен начин, процес познат во светот како ‘upcycling’.

Преку овој проект, кој вклучува видеа, слики и други креативни методи на социјалните мрежи, можеме да ја доближиме идејата до народот и да го инспирираме да се придружи во шиењето маски од текстил. Како дел од проектот имаме и хуманитарна активност. Наша главна активност е собирањето на донирани стари алишта од кои потоа се изработуваа заштитни маски за лице. Маските беа сошиени од страна на поединци кои доброволно се пријавија за тоа. Ние, студентите, ги набавувавме донираните алишта и материјали, наши и од наши пријатели и познаници и им ги доставувавме на шивачите. Понатаму, откако маските беа готови, беше планирано да ги поделиме на граѓаните од нашите градови Штип, Велес и Скопје. Беа поделени по околу 100 маски во секој град. Оваа активност се одвиваше цела недела, со што успеавме да поделиме повеќе од 300 маски. Можеби оваа бројка не изгледа голема, но верувајте за неколку студенти кои имаат ограничени ресурси, таа е добар почеток. Кога би се поврзале со повеќе шивачи кои се спремни доброволно да помогнат, бројката на сошиени маски сигурно би пораснала. Преку анкетата која ја спроведовме, успеавме и да ја видиме реакцијата на граѓаните за маските изработени од текстил.

Еве што одговорија над 100 граѓани на анкетата:

Доколку сакате да дознаете повеќе заследете не на нашиот профил на Инстаграм (@bidi_kul_nosi_kul_maska), каде исто така објавуваме интересни работи, меѓу кои и кратко видео за тоа како да сошиеш маска за неколку минутки.

Беше чест да се биде дел од една ваква интересна и хумана активност, која успеа да ни докаже дека и само неколку поединци со добра идеја и намера, можат да имаат влијание врз поголема група на луѓе, особено денес во време на пандемија, кога моралните вредности се ставени на тест.

Треба да знаете
Последни објави