Search

Град Скопје по 28. пат домаќин на детскиот фолколорен фестивал „Оро без граници“

Детскиот културен центар – „Карпош“, од 19. до 22. септември, по 28 пат, го организира најмасовниот и најстариот Меѓународен детски фолклорен фестивал „Оро без граници“ 2019 кој важи за симбол на пријателство меѓу децата.

Како што информираат од ДКЦ, во досегашното одржување на фестивалот, градот Скопје и земјва биле домаќини на повеќе илјади странски и исто толку домашни деца-фолклорци.

„На фестивалот се поканети гости од Србија-Јагодина, Грција, Словачка и Турција, а покрај гостите од странство ќе учествуваат и македонски ансамбли“, се наведува во соопштението за „Оро без граници“ 2019.

Централниот настан ќе се одржи на 21. септември (сабота) на плоштадот Македонија од 18.30 часот, а фестивалот ќе го отвори Директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска Серафимовска.

Фестивалот ќе започне со најпознатите македонски игри и ора кои ќе ги изведат членовите на играорната секција од ДКЦ „Карпош“.

Децата играорци преку шаренолкоста на костимите и оригиналноста во кореографските движења ќе ја претстават традицијата и културата на својата земја и по 28. пат ќе формираат едно големо „Оро без граници“.

Покрај официјалниот дел, на странските гости ќе им бидат претставени и атрактивни локации во Скопје: Зоолошката градина, Музејот на илузии, Старата Скопска Чаршија и знаменитостите на градот.

Треба да знаете
Последни објави