Search

Град Скопје објави повик за финансирање проекти од областа на културата

Град Скопје објави јавен повик за сите заинтересирани правни субјекти и тоа: установи од областа на културата, здруженија на граѓани и фондации, како и други правни лица што вршат дејности од оваа област за финансирање проекти и активности од областа на културата од интерес на Градот Скопје. Овој повик е во рамки на проектот „Од Центарот кон периферијата: културата како алатка за социјален развој“.

Со цел да се обезбеди деконцентрација на културата и истата да се дисперзира на територија на Градот Скопје, а притоа да се лоцираат неискористени јавни простори и јавна инфраструктура, чијашто реупотреба може позитивно да влијае и да го подобри социјалниот и културниот живот на жителите на градот Скопје, Град Скопје распиша јавен повик на кој ќе бидат доделени средства за реализација на проекти што ги остваруваат целите на јавниот повик.

Проектот ќе се реализира во текот на 2019 година, но, не подоцна од 1 декември на отворени јавни простори и површини, како и во админстративни објекти што се во јавна надлежност: месни заедници, домови на културата и слично. Средствата за оваа намена се предвидени во Буџетот на Град Скопје за 2019 година.

„Една од целите и приоритетите на проектот, е предложените проектни активности да вклучуваат интерактивност со локалното население со кое ќе се дефинираат културните потреби и активности, а се препорачува и вклучување на припадниците на социјалните ранливи групи и малцинства, припадници на етничките заедници, деца и ученици коишто живеат во околината, со вклучување на родова компонента и родово избалансирани активности“, велат од Град Скопје.

Јавниот повик е објавен денеска, 5 февруари, и ќе трае до 5 март. Повикот со апликациониот формулар е објавен и на официјалниот портал на Град Скопје на следниот линк: www.skopje.gov.mk/ShowAnnouncements.aspx?ItemID=9978&mid=482&tabId=

Треба да знаете
Последни објави