Search

Градот Скопје и годинава ќе ја одбележи Европската недела на мобилност 2018

Од утре почнува Европската недела на мобилност 2018

Градот Скопје и годинава ќе ја одбележи Европската недела на мобилност 2018 и за граѓаните ќе понуди низа активности посветени на алтернативното и одржливо движење. Во деновите од 16 до 22 септември Градот Скопје ќе организира разновидна програма која е посветена и ќе биде интересна за сите граѓани, од најмладите до највозрасните, како и за јавниот и приватниот сектор.

Одбележувањето на Европската недела на мобилност ќе почне утре (16.09.2018 година, недела) со велопикник и велоекспо што ќе се одржат на Средно Водно од 11 до 14 часот. Посетителите на Средно Водно ќе имаат можност да погледнат промоција на велосипедски продавници, сервиси и занаети низ Скопје и најразлични велосипеди, како и да уживаат во музичката програма со диџеј.

За граѓаните автобускиот превоз до Средно Водно е бесплатен.

Во понеделник од 20 до 22 часот на Школка во Градски парк ќе се осврнеме на последиците на климатските промени врз животната средина, а присутните ќе имаат можност да го погледнат документарниот филм Пред поплавата (Before the flood).

Традиционалниот саем на електрични возила е закажан за во четврток (20.09.2018 година) од 10 до 13 часот, на Техничкиот кампус. Ученици од средните и од основните училишта од градот ќе имаат можност да се запознаат со електричните возила и да возат електроконвој од Техничкиот кампус до плоштад Македонија. За овој ден ги издвојуваме и презентациите на проектите од областа на транспортот во Скопје што ќе се одржат од 14 до 16 часот во Салата на Советот на Град Скопје. За во 19 часот е закажан TEDx настан на тема Иднината на транспортот.

На 21 септември, петок, во 10 часот на градските улици ќе се вози големо велосипедско дефиле кое ќе тргне од плоштад Македонија, а ќе заврши кај Школката во Градски парк. Најсреќните учесници во дефилето на лотарија ќе имаат можност да добијат пригодни награди.

Истиот ден, од 10 до 12 часот кај фонтаната „Лотосов цвет“ ќе се одржи традиционалната манифестација „Движи се за здравје“ – едукација за правилен развој и моторика кај децата, а ќе учествуваат деца од детските градинки во Скопје.

Одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018 ќе заврши во сабота, на 22 септември, со промоција на комбиниран превоз со железница и велосипед. Во 11 часот велосипедистите ќе патуваат со воз од Лисиче до Ѓорче Петров и ќе возат до центарот на градот, до улицата Димитрие Чуповски каде што ќе се одржи настанот Вело-кафе на улица. Поточно, на 22 септември улицата Димитрие Чуповски ќе биде затворена за сообраќај во периодот од 10 до 14 часот, а на коловозот ќе бидат поставени маси, клупи и детски реквизити.  Ова е одлична можност граѓаните да се дружат на отворено и да испијат вело-кафе.

Градот Скопје ја реализира Европската недела на мобилност 2018 во соработка со невладините организации Македонски Зелен Центар, Еко Свест, ГОУ ГРИН, ПРВ ДО ВРВ и СМАРТ АП – лабораторија за социјални иновации.

Оваа година, тема на Европската недела на мобилност е „Комбинирај и движи се“, и ќе се вклучат над 2.400 градови од Европа и од светот. Целта е да се испрати силна порака за користење на алтернативните видови транспорт и за комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација.

Треба да знаете
Последни објави