Search

Градоначалник од Романија ги пресече каблите за интернет во својот град

Градоначалниот на еден романски град во вторникот ги пресече комуникациските кабли во својот град, оставајќи ги училиштата без интернет за време на едно клучно тестирање.

Николае Робу, градоначалник на Темишвар, град во западниот дел од земјата, го презеде ваквиот чекор поради спор со провајдерите на телекомуникациски услуги.

Тој ги пресече надземните кабли во центарот на градот откако операторите, наводно, ги игнорирале барањата за нивно преместување под земја.

„Локалните закони ги обврзуваат интернет, телевизиските и телефонските провајдери да ги закопаат нивните надземни кабли“, изјави Робу за „Еуроњус“. „Телекомуникациските оператори во изминатите неколку години ги игнорираа барањата на градското собрание за преместување на каблите под земја. Постапив со цел да го заштитам јавниот простор, докажувајќи дека никој не може да си игра со овој град“.

Осум кабелски оператори беа погодени од ваквиот чекор.

Интернет провајдерите се жалат дека локалната администрација се уште не ја обезбедила потребната инфраструктурата за каблите да се преместат под земја.

Неколку средни училишта и окружниот училишен инспекторат во округот Тимиш беа оставени без интернет за време на пробното тестирање за матура, поради што мораа да го користат својот мибилен интернет и други алтернативни мерки за да обезбедат комуникација со Министерството за образование и да ги добијат испитните предмети.

Но, образовните институции не се единствените што беа погодени од несогласувањето на градоначалникот со телекомуникациските провајдери. Жителите од речиси целата централна област на градот останаа без интернет и телевизиски услуги.

Ексцентричниот градоначалник прогласи победа на „Фејсбук“ и рече дека нема да престане со сечење кабли во скоро време.

Треба да знаете
Последни објави