Search

Градителите на Стоунхенџ јаделе слатки со овошје

Градителите на Стоунхенџ јаделе слатки со овошје и јаткасти плодови, според англиското друштво за наследство, кое ги предводи последните ископувањата. Доказите пронајдени со истражувањата на Ѕидините на Дурингтон – населбата каде што е изграден тој праисториски споменик – околу 2500 година пр.н.е., посочуваат дека тие собирале и вареле лешници, трње, диви јаболка и други плодови.

Карбонизираните растителни остатоци наведуваат на заклучок дека тогаш луѓето си ја засладувале храната.

Се знаеше дека градителите на Стоунхенџ, на рамнината Солсбери во Вилтшир (Англија), веројатно јаделе свинско, говедско и млечни производи, но досега не беше јасно дали јаделе и слатка храна. Не постои директен доказ за употреба на печива, но луѓето во тоа време знаеле како да одгледуваат житарки и можеле да прават колачиња од пченица, лешници или брашно од желад.

Неолитските „пити со мелено месо” можеле да се печат со помош на рамен камен или керамичко тенџере загреано на оган (велшка торта), пишува „Инглиш херитиџ” (English Heritage).

Сузан Грини, историчарка, истакна дека гозбите зиме им биле многу важни на градителите на Стоунхенџ.

– Имаме докази дека луѓето имале пристап до хранливи материи, како овошје и јаткасти плодови. Можеби имале и рецепти за нивно приготвување. Додавањето животински масти во лешниците и овошјето би било одличен енергетски додаток, полн калории. Таква храна може да се јаде при прослави и за да се одржи силата, а споделувањето на храната ѝ помага на заедницата да се поврзе и охрабри други луѓе да дојдат од далеку за да помогнат во изградбата на Стоунхенџ, појасни таа.

Грини вели дека не се знае какви точно рецепти претпочитале, но може да се замисли дека патниците биле пречекувани и со пита со месо.

Треба да знаете
Последни објави