Search

Гостиварци два меча ќе биде домаќин без публика

Поради удирањето со тврд предмет кој долетал од трибините на главата од тренерот на Пелистер Марјан Илиевски, кошаркарскиот прволигаш Гостивар следните два меча на домашен терен ќе ги игра пред празни трибини. Ова е експресната реакција на комесарот во Кошаркарската федерација на Македонија, Александар Милоевиќ по синоќешниот инцидент во Гостивар, каде натпреварот со Пелистер траеше три ипол часа.

Тренерот на Гостивар, Димитриески, нема да може да ја води екипата в среда против актуелниот шампион МЗТ Скопје. Казна од два меча неиграње доби и кошаркарот Стајиќ од Пелистер, поради фрлање тврди предмети кон публиката, а еден меч на „ладење“ ќе биде и тренерот на битолчани Илиевски, поради бесот искажан по добиениот удар (со пластични шише) од трибините.

Покрај забраните за настап клубовите ќе треба да ги олеснат и своите каси. На сметката од КФМ ќе треба да се уплатат околу 5.000 евра во денарска противредност. Гостиварци како организатори на средбата, ќе треба да платат 165.000 денари и тоа најголем дел е казната за ударот со тврд предмет на Илиевски (64.000 денари), вкупно 32.000 денари за слабата организација и за фрлање запалки, метални пари и пластични шишиња, 24.000 за тренерот Димитриески и вкупно 45.000 денари за деветте лица кои ја напуштиле клупата за време на инцидентот, поради што сите се санкционирани со по 5.000 денари.

Пелистер ќе плати 153.000 денари од кои по 32.000 денари за фрлање тврди предмети кон публиката од страна на кошаркарите Стајиќ и Најдовски, 24.000 денари за неспортскиот однос на тренерот Илиевски (ја урна клупата за резерви), 15.000 за Никола Малешевиќ поради навреди и пцости кон публиката, како и вкупно 50.000 денари за десетте лица кои ја напуштиле клупата за време на инцидентот, поради што сите се санкционирани со по 5.000 денари.

Треба да знаете
Последни објави