Search

Горили позираат за селфи со нивните ренџери

Две горили се фотографирани како позираат на опуштено селфи со ренџери, кои ги спасиле како бебиња. Фотографијата е направена во сиропиталиште во Националниот парк Вирунга, во Конго, каде животните се одгледани, откако ловокрадци ги убиле нивните родители.

Заменикот директор на паркот, Иносент Мбурануме за Би-би-си изјавил дека горилата научиле да ги имитираат нивните негователи, кои се грижат за нив уште од бебиња, како и дека мислат оти негователите се нивни родители.

Кога во јули 2017 година биле убиени нивните родители, горилата имале два и четири месеци. Брзо потоа биле најдени и однесени во сегашното сместувалиште.

„Бидејќи пораснаа со луѓе, тие ги имитираат луѓето и стојат на две нозе, учат да бидат луѓе“ изјавил Иносент Мбурануме. Тој нагласи дека не е лесно да се биде ренџер, дека секогаш не е забавно, туку најчесто е опасна работа.

Петмина ренџери минатата година беа убиени во Националниот парк Вирунга во заседа на бунтовници, а од 1996 година до денес убиени се 130 ренџери.

Треба да знаете
Последни објави