Search

Гордан Георгиев: До внукот на убиецот на мојот дедо

Атрибутите на мојот идентитет можеби се менувале затоа што за мене биле спорни во некакво време и на некакво место, ама јас не сум бил спорен за самиот себе. Неспорен и неоспорлив. А сепак некако постојано оспоруван за некои други отаде нашите граници. Сум останал Македонец кој зборува на македонски јазик, дише (без патетика) македонски воздух, се напојува (со патетика) од македонска песна, поема или роман, пишува политикологот Гордан Георгиев во ноемвриското издание на „Економија и бизнис”.

„Ние дома ги мразиме Бугарите. Официјално ги мразиме Бугарите. Кој повеќе, кој помалку, но жарчето на омразата трае и тлее од 3 мај 1942 година, денот кога е убиен мојот дедо од страна на „бугарскиот окупатор“. Ордан Михајлоски-Оцка, член на Првиот партизански одред, виолинист, композитор, автор на партизанската химна „А бре Македонче“, загинал од бугарски куршум на неполни дваесет години. Никогаш доволно оплакан, никогаш доволно прежален, духот на Оцка се провлекува низ нашето семејство како темна сенка и потсетник за тагата, борбата, правдината, жртвата, самобитноста. Кога даваш жртва, особено кога таа жртва е платена во крв, крвта тешко се мие. Од кога знам за себе, знам за оваа приказна. Знам за траумите на моето семејство (од мајчинска страна), знам за антифашистичкиот и по екстензија и антибугарскиот сентимент што толку трудољубиво е негуван во нашето семејство, еве веќе трета генерација. Инаку, ние не важиме за „мразачи“, не нè познаваат како такви луѓе.
Навраќајќи се често, баш често, на оваа семејна траума, разбирам дека мојот идентитет во многу нешта е граден низ оваа траума. Антифашизмот, комунизмот, позитивното чувство кон Југославија, потоа и кон Македонија, антибугарскиот порив, правдољубивоста, заштита на помалиот и послабиот, грижа кон малцинствата во секоја смисла… сите овие елементи го правеле мојот идентитет. Тој идентитет се менувал низ годините, во многу насоки. Сум бил либерал, радикален либерал, прогресивец, па патриот, па разочаран патриот, па традиционален конзервативец… Кога ќе се навратам во минатото, сфаќам дека сенешто сум бил. Македонија почесто ме изневерувала отколку јас неа. Многу почесто и пожестоко. Идентитетот се (видоиз)менувал, ама јас сум останал јас, пишува Георгиев.

Целата колумна на „Економија и бизнис“

Треба да знаете
Последни објави