Search

Горан Видоевски- докторот кој го зборува јазикот на бебињата

Важи за еден од најпознатите детски ортопеди во метрополата, а можеби и во државата. Доказ за тоа се секојдневните гужви и немањето термин да се закаже. Ако ги прашате мајките ќе ви кажат дека тоа е единствениот доктор кој ги разбира бебињата. Не носи бел мантил и на неговиот преглед никој не плаче. Тоа е д-р Горан Видоевски, ортопед  кои за 24 инфо ја раскажува својата приказна како е да работиш со најмалите пациенти. Приватно, сопруг на Ани, татко на Мартин и Филип и дедо на Кира за која вели дека е најскапоценото нешто за секој дедо и слободното време е цело за неа.

 Важите за еден од најпознатите детски ортопеди во градов, ќе речам и во државава. Често знаат мајките да кажат Видоевски е единствениот доктор кој го разбира јазикот на бебињата. Колку е тешко да се „зборува” со нив?

Точно е дека бебињата не знаат да зборуваат, но тие имаат свој начин на комуникација кој ние возрасните најчесто не го разбираме, а тоа е поради предрасудите дека бебињата ништо не знаат и ништо не разбираат. Но, бебињата имаат чувства кои се базираат на природата и инстинктите. Ако го следиме бебето и ако го почитуваме како човечко суштество, само едно е битно, а тоа е следното…..не правете никому она што не сакате вам да ви го направат. Само треба повеќе размислување

– Колку мали пациенти имате во текот на неделата, се зголемува ли нивниот број?

Дневно има по десеттина бебиња и проодени деца, неделно и до 100, а бројката се зголемува или намалува спрема наталитетот во нашата држава.

– Вечното прашање, широк повој од самото раѓање или не, ортопетски влошки да или не?

– Повој е ставање на пелени кај бебињата. Пелените не постојат отсекогаш. Тие постојат откога е смислено платното. Пелените се средство за хигиена. Начинот на ставање на пелените бил различен во разни делови на светот. На пр. во Јужна Америка, Африка и Австралија пелените се ставале помеѓу нозете, додека во Северна Америка, на Балканот и во Јапонија се врзувале комплетно бебињата. Така да широк повој бил пелена помеѓу нозе, а тесен повој пелена околу целото бебе. Развојот на колковите не завоси од начинот на повиткување (тесен или широк), ако се колковите на раѓање здрави. Меѓутоа, за развојот е многу битна слободата на движење за сите зглобови, а со тоа се зајакнува и околната мускулатура и се создаваат синапси во мозокот на фината моторика на бебето. Од таа причина се започна кампањата широк повој во цел свет, а широк повој е….пелена помеѓу нозете. Т.н. тетра пелени се ставаа во минатото од проста причина што тогаш немало т.н. Памперс-пелени, а се ствале по две или три за да соберат подолго време повеќе мочки од бебето, за поретко да се преслекува и да не прави бербат во околината каде престојува.

Запомнете: ПЕЛЕНИТЕ НЕ СЕ НАЧИН НА ЛЕКУВАЊЕ. Значи се ставаат на бебиња и со здрави, но и со болни колкови за хигиена. Кај болните колкови се ставаат помагала за лекување.

ЗАКЛУЧОК: широк повој од самото раѓање и проверка на колковите кај секое новороденче. Што се однесува за влошките треба да се знае дека тие се ставаат кај возрасни деца и возрасни луѓе кои остранале со рамни табани и тоа не како начин на лекување, тука како потпора на оние сводови кои не се формирале. Сводовите на стапалата ги немаат бебињата на раѓање. Тие се формираат со подигнување на прсти, одење на прсти, трчање на прсти и скокање на прсти, најчесто до 10-11 годишна возраст, а ретко и до пубертет. Затоа на децата во развој им треба боси стапала, а не чевли или влошки.

– Ги следите скоро сите светски конгреси во вашата област. Каде е Македонија со детската ортопедија?

– За жал не би сакал да коментирам на ова прашање.

– Во наше време дубакот беше дел од помагалата на родителите со кои сите растевме. Да ја расчистиме мистеријата да или не за дубакот и зошто?

– Дубакот е помагало за родителите. И бил, и сеуште е, а и ќе биде. Дубакот ако е подвижен се вика одач (помагало за одење, а се користи кај возрасни што не можат да одат сами), а ако е статичен се вика скокач. Скокачот (jumper) е корисно помагало за зајакнување на мускулатурата на нозете кај бебињата. Одачот (walker) е опасен кај бебињата поради разни повреди (дури и смртни случаи) и е забранет со закон во неклолку држави во светот (САД и Канада).

– Има ли доктор Видоевски наследник во неговата област?

– Сеуште не, но е на пат. Мојот помлад син Филип Видоевски е дипломиран лекар кој работи во Аџибаден Систина на одделот за ортопедија и чека да ја започне специјализацијата.

– Кој е Видоевски приватно, хоби, што го релаксира, што прави во слободното време ?

– Сопруг на Ани Видоевска, интернист-пневмофтизиолог, татко на двајца синови, Мартин и Филип. Хоби, снукер (кога има слободно време), а преку лето за релаксација море и природа. Слободното време е за најскапоценото нешто за секој дедо…….внуката Кира.

 Валентина Ангеловска

Фото: Слободан Ѓуриќ

 

Треба да знаете
Последни објави