Search

Големата дупка на мапите на „Гугл“ која може да повлече хеликоптери

Љубителите на теории на заговор и вонземјани често ја користат платформата „Google maps“ во потрага по локации кои ќе ги потврдат нивните идеи, но за многу интересни и несекојдневни локации регистрирани на овие мапи, честопати постојат и научни објаснувања.

Една од нив е огромна дупка која води длабоко во земјата, а се ноѓа во близина во градот Мирњи во руската сибирска област Јакутија. Според некои теории, дупката е толку длабока што може да повлече хеликоптери во лет поради моќниот воздушен вител кој се создава, пишува британски „Експрес“.

Според статијата во весникот воздушниот простор над овој некогашен рудник наводно е затворен за летови.

На интернет-страницата „Атлас опскура“ се вели дека причината за тоа се неколку инциденти во кои летала биле повлечени од воздушните струења.

Иако не постојат официјални извештаи за несреќи, објаснувањето за воздушниот вител има смисла, затоа што топлиот воздух кој се издига од јамата се судира со поладен воздух. Тоа може да ги попречи хеликоптерите да го прелетаат напуштениот рудник односно да предизвика да загубат висина над самата дупка.

Отворената јама на рудникот „Мир“ се експлоатирала од 1957 година, кога советските научници откриле огромен дијамант во земјата. Сепак, поради екстремните климатски услови, односно фактот дека земјата била замрзната повеќе од половина година, рударската работа била отежната, а опремата замрзнувала. Во зима, температурата се спуштала на -50 Целзиусови степени, а најблискиот поголем град бил оддалечен дури 250 километри.

И поктај тоа, во 60-тите години на минатиот век од рудникот се ваделе 10 милиони карати дијаманти годишно. Според Би-би-си, додека бил активен, од рудникот се произведени дијаманти во вредност од 10 милијарди фунти. Неговата јама е длабока 525 метри, што го прави четвртиот најдлабок рудник во светот, со отвор на површината од 1.200 метри.

Рудникот беше официјално затворен во 2004 година, а производството престанало три години претходно.

Треба да знаете
Последни објави