Search

Годишно обраќање на Путин за „состојбата на нацијата”

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ќе го одржи традиционалното годишно обраќање пред Федералниот парламент на Русија за „состојбата на нацијата”.

Ова ќе биде прво обраќање на Путин, откако минатата година беше реизбран за претседател на Русија, со мандат до 2024 година.

Се очекува во обраќањето Путин повеќе да се осврне на внатрешни прашања, кои повеќе ги засегаат Русите, како и за обновата на руската весленска програма, а многу помалку за теми од надворешната политика.

Овогодишното обраќање доаѓа во време кога популарноста на Путин меѓу руските граѓани е на најниско ниво во исминативе речиси две децении.

Анкетите покажуваат дека Путин има поддршка од над 60 проценти од Русите, но на избори само околу 40 отсто повторно би гласале за него.

Како една од причините за падот на популарноста на Путин, аналитичарите го посочуваат новиот закон за работни односи со кој се зголеми старосната граница за пензионирање.

Путин најдолгиот говор го одржа минатата година, кој траеше еден час и 55 минути, а најкратките обраќања од 48 минути ги имаше во 2004 и во 2005 година.

Во просек, говорите на Путин траат по еден час и 15 минути, додека Дмитриј Медведев додека ја извршуваше претседателската функција имаше говори просечно по еден час и 20 минути.

Во првото обраќање во Парламентот, во 2000 година кога Путин стапи на должноста претседател на Русија, имаше најмал број зборови – 5.146, додека неговиот минатогодишен говор, како најобемен, содржеше 11.428 зборови.

Претседателскиот говор обично го следат околу илјада официјални претставници, меѓу кои пратеници од Горниот и Долниот дом на рускиот Парламент, од претседателската администрација, претставници на Уставниот и Врховниот суд, дипломати, новинари… Најмал број присутни имало за време на првиот говор на Путин – 980, додека рекорден број се забележани во 2013 година, кога обраќањето го следеле 1.100 официјални претставници.

Треба да знаете
Последни објави