Search

Годинава ќе се изградат патишта во должина од 400 километри

Со почетокот на градежната сезона ќе почне забрзана изградба и рехабилитација на најголем дел од патната мрежа во Македонија во вкупна вредност од милијарда и 270 милиони евра.  Годинава ќе се инвестира во нови патишта и реконструкција на постоечката патна инфраструктура во должина од над 770 километри.  Треба да се почне да се работи на патишта во должина од 421 километар со инвестиција од 236 милиони евра. Тие активности треба да обезбедат заздравување и раст на градежништвото, а во нив директно или индиректно ќе бидат вклучени околу 10.000 лица.

Такви ветување денеска изнесоа премиерот Зоран Заев и владиниот економски тим, кои ветуваат патишта за внатрешно и поврзување на државата со соседите, со цел побрзи транспортни услуги и за граѓаните и за компаниите.

Годинава се планира да почнат нови проекти за изградба и рехабилитрација на 43 патишта и да продолжи изградбата и реконструкцијата на 27 патни правци.

– Изградбата на инфраструктурата е важна за обезбедување економски раст и развој на државата и затоа ја најавуваме како врвен приоритет оваа година. Во 2019 годиона во сите региони ќе се гради со полн капацитет, рече премиерот Заев на прес-конференција во Владата, посочувајќи ги како стратешки продолжувањето на изградбата на автопатот  Кичево Охрид, пуштањето во употреба на автопатот Миладиновци Штип, стартот на  автопатот Скопје – Блаце.

Како што информира вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, по ланските завршени 192 километри патишта во вредност од само 30 милиони евра, сега се во тек проекти во вредност од 1,035 милијарди евра во должина од 365 километри, а годинава ќе почне да се работи на патишта во должина од 421 километар со инвестиција од 236 милиони евра.

– Вкупно се интервенира на 977 километри со милијарда и 300 милиони евра, проекти кои се обезбедени и технички и финансиски, рече Анѓушев.

Според него, минатата година не е изгубена за градежништвото и е искористена за подготовка на проектите кои годинава ќе го зголемат растот во тој сегмент.

– На Македонија и е потребно да има меѓу 55 и 60 милиони евра вкупни градежни активности и од приватниот сектор и од градежникштвото за да го вратиме градежништвото. Овој план  кој го кажуваме денеска јасно кажува дека тие бројки ќе бидат  достигнати во градежништвото и тоа само во делот на патната инфраструктура, а дополнително ќе бидат  железничката инфраструктура, новите инвестици, изградбата на фабрики и сите останати приватни инвестиции што се во најава. Тоа ми дава за право да верувам дека оваа година градежништвото ќе покаже добри резултати, а со самото тоа и економијата во Македонија, рече Анѓушев.

Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески,  40-ина патишта во вредност од над 230 милиони евра и вкупна должина од 420 километри се подготвени за рехабилитација или реконструкција.  Меѓу тие се изградбата на автопатот Скопје –Блаце, реконструкција на автопатот од Катланово до Петровец, стартот на вторите фази од експресните патишта Штип-Радовиш и Штип-Кочани, како и последниот дел од експресниот пат Градско-Прилеп, реконструкција на регионалниот пат Ранковце-Крива Паланка, доизградба на трета лента на потегот од Крива Паланка до преминот Деве Баир.

Министерството за транспорт е во завршни преговори со Светска Банка за обезбедување 70 милиони евра за изградба и реконструкција на локални патишта.

– Полноправното членство во НАТО, приближувањето до конечната цел во ЕУ, нѐ обрзува да ги следиме и да ги исполнуваме највисоките стандарди во патната инфраструктура. Тоа е основен предуслов за долгорочен и стабилен економски развој на земјата, рече Сугарески.

Според директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, годинава ќе се градат и  четири нови мостови, 12 ќе се обновуваат, а ќе се проектираат 33 патни правци.

– Завршена  е изградбата на патарините на Коридор 10, а годинава  ќе заврши целосно промената на  софтверот за патарините на Коридор 8, изградбата на трите нови патарини, две на Миладиновци – Штип и една на Кичево – Охрид, рече Китанов.

Во планираните активности за годинава за продолжување на тековните работи и стартување нови на автопати и експерсни патишта, во вредност од 460 милиони евра, ќе бидат вклучени  на директен или индеректен начин околу 10.000 лица.

Според премиерот Заев, инвестицискиот циклус во патната  инфраструктура нема да биде запрен независно од претстојната одлуката  дали заедно со  претседателските избори ќе се одржат и предвремени парламентарни избори. – Законот  е јасен, не можете да предвидите дополни активности за време на распишани избори и во тек на кампања, но тоа што е предвидено во Буџетот со донесени програми не престанува да се реализира, рече Заев.

Треба да знаете
Последни објави