Search

ГОБ „8 септември“ добива линеарен акцелератор за малигни заболувања

Во Градската општа болница „8 Септември“ се финализира инсталацијата на нов линеарен акцелератор. Станува збор за врвна технологија за третман на малигните заболувања. Апаратот е од еден од водечките светски производители и претставува најдобра платформа достапна на пазарот во оваа област, соопшти Министерството за здравство.

Пред инсталацијата на апаратот, изграден е комплетно нов бункер за кој се обезбедени 58 милиони денари од буџетот на Министерството за здравство.

Линеарниот акцелератор овозможува максимална прецизност во планирање и изведување третмани, имајќи предвид дека насочувањето на третманскиот зрак се врши со рубини, додека кај сите останати апарати се врши со огледала.

„Со примената на оваа технологија се овозможува управување со радиотераписките процедури, планирање и креирање распореди, резервација на термини, следење на пациентите, следење на реализацијата на третмани, креирање електронски записи за историјата на болеста, ревизија и споредба на сликите добиени со електронскиот портал-детектор на акцелераторот, со сликите добиени од системот за планирање на третманот“, велат од МЗ.

Од таму потсетуваат дека Владата на седница ја усвои информацијата со иницијатива за соединување односно централизирање на дејноста онкологија и радиотерапија, во рамки на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија-Скопје со основање подрачни одделенија во Градската општа болница „8-ми Септември”–Скопје, Клиничката болница Штип и Клиничката болница Битола, како и низ останатите градови во Републиката.

Овој чекор, велат од Министерството, ќе обезбеди стручна, навремена и технолошки напредна радиолошка терапија за пациентите низ целата држава.

Треба да знаете
Последни објави