Search

Глечерите на Нов Зеланд се обоија во црвено поради пожарите во Австралија

Една од највпечатливите последици од големиот број пожари што сè уште дивеат низ Австралија е тоа што некои од познатите глечери на Нов Зеланд добија црвеникаво-розова боја.

Фотографката и блогерка Лиз Карлсон леташе со хеликоптер над националниот парк „Маунт Аспиринг“ кој се наоѓа на Јужниот Остров на Нов Зеланд.

„Кога дојдовме близу до глечерот Кисер, сфатив колку е црвен. Тоа ме шокираше. Никогаш не сум видела нешто слично”, изјави Карлсон за „Си-ен-ен“.

Австралија доживува една од најлошите сезони на големи пожари во последните месеци. Денес се регистрирани 117 пожари, а 60 сè уште не се ставени под контрола или угасени.

„Западните ветрови го однесоа чадот од пожарите во Австралија во Нов Зеланд. Потешките честички на чад се спуштија на земја и, во овој случај, го обоија снегот во Нов Зеланд“, објасни метеорологот Моника Гарет.

„Ова се страшни пожари кои дефинитивно се влошени поради климатските промени“, рече Карлсон.

„Тоа не е добро за нашите глечери. Тие веќе се топат премногу брзо. Поради оваа црвеникава обвивка, тие помалку ќе ја одразуваат светлината и ќе се топат побрзо. Тоа навистина ме загрижува“, додаде таа.

Треба да знаете
Последни објави