Search

Ги пријавиле ли Камчев и Мицкоски парите со кои ВМРО ДПМНЕ плаќала долгови?

Преку аудио снимка објавена на интернет јавноста дозна дека Орце Камчев му ги платил долговите на Христијан Мицкоски за да може ВМРО ДПМНЕ да функционира. На снимката се слуша дека Мицкоски му се доверува на Зоран Милевски Кичеец дека партијата била пред финансиски колапс кога ја наследил од Никола Груевски и дека Камчев му излегол во пресрет и му ги подмирил долговите за парно, струја, интернет, вода…
Сега е појасно дека Камчев е еден од донаторите во ВМРО ДПМНЕ, тоа што со години беше јавна тајна, а надлежните институции никогаш не истражија до крај. Но, сега има нова ситуација, признание на Мицкоски дека Камчев дал пари во партијата, што повлекува низа прашања, но и можност за обвинителска истрага. Имено, прво мора да се провери на каков начин Камчев ги дал парите, дали лично на рака на Мицкоски, оти тој го посетувал во неговиот дом, што се дозна од друга аудио снимка, или пак трансакцијата одела преку банкарска сметка?
Понатаму, дали парите се некаде пријавени и за каква цел ги примиле во ВМРО ДПМНЕ? Дали Камчев ги дал на трето лице, па тоа ги има уплатено како донација во партијата? Сигурно обвинителите и финансиските инспектори имаат начин како да ја проверат трагата на парите. Мицкоски и Камчев молчат во јавноста и не откриваат за колкава сума пари станува збор, дали парите биле наменети исклучиво за комуналните долгови на партијата, на кој начин ги примил Мицкоски и дали некаде ги пријавил. Но, ако тие не зборуваат тоа не значи дека надлежните не може да истражат и да утврдат дали има незаконска активност со парите на Камчев.
Надлежните исто така и останаа должни на јавноста да ја информираат до каде е постапката во случајот со 400 000 евра, долг на ВМРО ДПМНЕ од време на претседателската кампања на Гордана Силјановска Давкова. Откако медиумите објавија дека ВМРО ДПМНЕ ја има затворено наменската сметка за избори со долг од 400 000 евра, Антикорупциската комисија отвори предмет, но се запре таму. Законот не дозволува партиите да ги затворат сметките се додека не ги подмират долговите и не ја донесат сметката на салдо нула. Тој долг е кон фирма која изработувала маици со партиски симболи, кои пак ги набавила од фирма на Камчев.
После објавената аудио снимка обвинителите имаат причина плус да го проверат финансиското работење на ВМРО ДПМНЕ. Ако се дрзнале да затворат сметка со долг од 400 000 евра, тогаш е неопходно да се проверат и другите сметки и потсметки на партијата. И додека граѓаните чекаат разврска за парите на ВМРО ДПМНЕ, останува фактот во јавноста дека Камчев е финансиски донатор на Мицкоски.
Иако Мицкоски се обидуваше да негира поврзаност со Камчев и Кичеец, двајцата инволвирани во случајот „Рекет“, сепак снимките го докажаа спротивното. Мицкоски сепак бил добар соработник и на двајцата, па затоа сега лебди прашањето што знае Мицкоски за „Рекет“. И сега наместо одново да ги лаже граѓаните, лидерот на ВМРО ДПМНЕ треба да им се извини, да признае дека соработувал и со двајцата, да објасни како Камчев му ги дал парите за да плати партиски долгови, и на крајот да каже дали е поврзан со „Рекет“.
Треба да знаете
Последни објави