Search

Геј во Брисел, анти-ЛГБТ во Будимпешта

Унгарски европратеник поднесе оставка откако учествувал во геј-оргии во Брисел за време на полицискиот час. Станува збор за Јозеф Сајер, еден од најблиските соработници на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Конзервативниот унгарски европратеник и близок соработник на премиерот Виктор Орбан, Јозеф Сајер (насловна фотографија) се најде во средиштето на геј-скандал кој осамна на насловните страниците во медиумите во Европа. Тој се извини откако белгиската полиција го фати на забава во геј-бар. Сајер претходно поднесе оставка од владејачката партија Фидес во Унгарија и од функцијата европратеник со образложение дека „дневната политика станала емотивен товар за неговите плеќи“. Но, наскоро стана јасно дека нешто друго се крие зад одлуката.

Европратеникот признава дека ги прекршил белгиските мерки против пандемијата на коронавирусот и преку соопштение се извини на семејството, колегите и гласачите. „Тоа беше неодговорно од моја страна. Подготвен сум за казната што ќе ми ја определат“, вели Сајер. Наведува дека полицијата му дала „официјално вербално предупредување“ и го вратила дома. Сајер тврди дека не бил дрогиран, но жали и се кае што ги прекршил прописите за коронавирусот.

Гол бегал низ прозорец

Како што објавија белгиските медиуми, спорната забава се случила во петокот навечер за време на полициски час, кој во главниот град на Белгија започнува во 22 часот и трае до 6 часот наутро. Забавата била организирана на првиот кат на зградата над геј барот Ле Детур, во центарот на Брисел. Кога полицијата упаднала, неколку учесници биле голи, а еден се обидел да побегне и притоа се повредил. Дваесетина луѓе, вклучувајќи го и Сајер и засега непознати дипломати, биле парично казнети поради тоа што во петокот навечер биле на приватна забава на која имало секс, дрога и алкохол.

„Прекинавме оргии!”, рекол еден извор за белгискиот весник Ла Дерние ер (ДХ).Повеќето од присутните биле мажи и сите биле казнети за прекршување на мерките против коронавирусот, рекол изворот.

Во Белгија се забранети собири на повеќе од четири лица и е воведен полициски час во обид да се ограничи ширењето на Ковид-19. Но, и покрај тоа се одржала забранетата забава на која биле присутни неколку дипломати, а европратеник според медиумите се обидел да избега низ прозорец, но се повредил. Полицијата го фатила и го испрашувала. Тој тогаш се повикал на својот европратенички имунитет, пренесува Брисел тајмс. Покрај тоа, полицајците пронашле и дрога на местото на настанот.

Јавното обвинителство соопшти дека случаен минувач пријавил во полиција дека видел човек што бега по олукот. „Рацете на човекот беа крвави. Можно е тој да бил повреден при бегството. Во неговиот ранец беа пронајдени наркотици“, се вели во соопштението на јавното обвинителство. „Човекот не достави документи со лични податоци. Тој беше придружуван до неговото место на живеење, каде што со дипломатски пасош се идентификуваше како С.J. (60)”.

Кој е Сајер?

Сајер е еден од најблиските соработници на унгарскиот премиер Орбан. Бил член на советот кој го подготвувал нацртот на новиот устав од 2012-та година, со кој се барала заштита на „христијанските вредности“ и дефинирање на бракот како заедница на маж и жена. Кон крајот на 90-тите студирал во Оксфорд како стипендист на организациите на Џорџ Сорос, кого сега заедно со Орбан го обвинуваат за поткопување на традиционалните вредности на унгарското општество.

Треба да знаете
Последни објави