Search

Германците сè покритични кон Трамп

Германците имаат многу причини да им бидат благодарни на САД. Америка е синоним за Маршаловиот план, западните асоцијации, поддршка при повторното германско обединување и уште многу други нешта.

Но, врз историското пријателство се надвиснува темна сенка: американскиот претседател Доналд Трамп ги принудува Германците да ги променат своите надворешно-политички приоритети.

Според студија на фондацијата Кербер, Германците во САД се уште гледаат втор по значење партнер по Франција, но само 35 проценти, додека пред една година биле 43 проценти.

Политиката на САД предизвикува засилена загриженост кај Германците – 28 отсто во трансатлантските односи гледаат најголем надворешно-политички предизвик, додека во 2017 година биле – 19 проценти. Барометарот на загриженост е повисок само во однос на бегалската и миграциска политика.

Мнозинството е за зголемување на трошоците за вооружување

Дури 73 проценти од Германците билатералните односи со САД ги оценуваат како лоши или дури многу лоши. И тука има големо покачување во однос на претходната година (56%).

Од друга, 70 отсто Американци сметаат дека односите со Германија се добри или дури одлични. Очигледно, тие повеќе ја ценат политиката на канцеларката Ангела Меркел отколку на својот претседател.

Него првенствено го лути што германската Влада, од негов аспект, одвојува премалку пари за одбранбени цели. Во овој поглед мнозинството Германци изненадувачки му даваат за право на Трамп: 43 проценти се за зголемување на буџетот за одбрана (во 2017 – 32 отсто). Четириесет проценти пак сметаат дека давачките за воени цели треба да останат на исто ниво, а 14 отсто сакаат да се намалат.

И Европа ги загрижува Германците

Германците гледаат малку причини за задоволство и во своето непосредно соседство. Растечкиот популизам и национализам, исто како и Брегзитот, им ја поматува радоста во однос на ЕУ.

Така 63 проценти мислат дека ЕУ е на погрешен пат, а само 32 отсто гледаат позитивно на развојот. Според 77 проценти, соработката меѓу земјите членки на ЕУ слабее, а притоа Германците не се подготвени на отстапки кон оние кои ги сметаат за одговорни за ваквите состојби.

Две третини не се согласуваат Британците по излезот од ЕУ да добијат некои специјални права. Само 31 проценти претпочитаат привилегирано партнерство со Велика Британија.

Мнозинството Германци се и за казнување на Унгарија и Полска поради непочитувањето на европскиот систем на вредности: 74 отсто Германци би сакале Германија да се заложи за построги санкции, на пример кратење на пари од фондовите на ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави