Search

Германски судија го нападна Салвини за потсмевање со фотографијата на НВО активист

Судија во Германија му нареди на популистичкиот италијански министер за внатрешни работи Матео Салвини да отстрани фотографија од промигрантски активист на НВО или да се соочи со голема казна, пренесува „Ил џорнале“.

Фотографијата на Сорен Моје, член на екипажот на бродот на невладината организација „Мишн лајфлајн“ беше објавена на Твитер од страна на Салвини минатата година откако групата го нарече Салвини „фашист“.

„Овој господин од екипажот на бродот на германската невладина организација, кој чека да натовари имигранти, ме нарекува фашист… Многу уверливо, би рекол!“, напиша Салвини.

Фотографијата е снимена од новинарот Фридхолд Улонска пред да биде објавена на веб-страницата „на „Мишн лајфлајн“, а потоа објавена на Твитер од Салвини.

Судијата во случајот му нареди на Салвини да го избрише твитот и сликата во која се наведува дека лидерот на „Лига“ го нарушил авторското право на сопственикот на сликата. Ако не ја отстрани сликата, Салвини би можел да се соочи со казна до 250.000 евра, па дури и со затворска казна до шест месеци.

„Матео Салвини користи фотографски материјал од спасувачки мисии на море, слики направени од мене, како алатка за негово поттикнување против нас“, рече Фридхолд Улонска, кој ја поднесе жалбата.

„Тој не ме праша за дозвола. Како и сите други, и Матео Салвини мора да го почитува законот. Ако не го стори тоа, како во овој случај, ние треба да го потсетиме на границите на неговите постапки со сите уставни средства“, додаде тој.

„Мишн лајфлајн“ неретко е дел од контроверзии, па претходно годинава ги повика германските граѓани да стапуваат во брак со нелегалните мигранти и баратели на азил, за да им помогнат да останат во Европа.

„Сè уште не сте во брак? Можеби би можеле да се вљубите во некој што нема право да остане тука? Може да се случи тоа, нели? Останете отворени,“ напиша групата на Твитер.

Во 2017 година, канцеларијата на обвинителството во Саксонија, исто така, објави дека НВО е под истрага за трговија со луѓе.

Треба да знаете
Последни објави