Search

Германските зелени на врвот на листата за отстрел на неонацистичка група поврзана со САД

Високи членови на германската Зелена партија добија смртни закани од една ултрадесничарска група која се заканува дека ќе ги погуби, шокирајќи ја локалната политичка елита, пренесува РТ.

Џем Оздемир и Клаудија Рот објавија дека добиле закани што ѝ ги припишуваат на „Атомфафе дивизион Дојчленд (Дирекција за нуклеарно оружје Германија), локален огранок на американска неонацистичка група. Оздемир, поранешен копретседател на Зелената партија и висок политичар со турско потекло, вели дека во електронска порака бил означен како цел број еден на „листата за отстрел“ на AWD.

„Во моментот планираме како и кога ќе ве егзекутираме; на следниот јавен митинг можеби? Или пред вашата куќа? “, германските весници ја цитираат пораката.

Оздемир сериозно го сфатил писмото, иако не му се туѓи заканите – на пример, турските националисти пред неколку години се закануваа дека ќе го убијат зашто го напаѓал турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Рот, во моментов потпретседателка на Бундестагот, беше на второто место на листата за отстрел. „Заканите се последните во долгиот список обиди за заплашување на локалните политичари и на граѓанското општество, на Евреите и муслиманите, на женските уметници и на мигрантите“, рече таа.

Заканите предизвикаа силни реакции од некои германски политичари. Константин Куле, спикер за внатрешни работи на Слободната демократска партија (ФДП), рече дека има драматичен пораст во бројот на закани против јавните службеници, предупредувајќи дека тие не треба да се претвораат во плен за да бидат ловени од екстремистите.

Други побараа да се забрза планираната акција против говорот на омраза и десничарскиот екстремизам преку Интернет. Пратениците во моментот разгледуваат нацрт-закон според кој социјалните мрежи ќе мора да им ги предаваат ИП-адресите и другите податоци на германските власти и кој предлага изрекување големи казни за виновниците.

Веста доаѓа неколку недели откако други политичари од пониските ешалони во источната држава Тирингија беа контактирани од десничарски групи, кои се закануваа дека ќе ги нападнат со нож или со автомобил-бомба ако не ја напуштат својата партија. Едно од писмата завршувало со зборовите „Зиг Хил и Хејл Хитлер“.

Стравот од политичко насилство од екстремистите ескалираше во јуни, откако Валтер Либке, кој беше претседател на регионалниот совет во градот Касел и член на ЦДУ, беше застрелан во близина на својата куќа. Политичарот беше поддржувач на бегалската политика на Меркел, а осомничениот имал врски со екстремнодесничарска, одмаздничка група.

Треба да знаете
Последни објави