Search

Германскиот увозник „Унипер” го тужи „Газпром” за неиспорачување гас

Германската енергетска компанија „Унипер”соопшти дека го тужи „Газпром” за отштета затоа што не ги испорачале договорени количини природен гас од јуни, кога тој руски гигант почна да ги намалува испораките и целосно да ги стопира на крајот на август. Како што соопшти Унипер, германскиот увозник на руски гас, постапката против Газпром Експорт е покрената пред меѓународниот арбитражен трибунал во Стокхолм.

Според Унипер, трошоците за замена на гасот што Русија досега требаше да и го испорача на Германија изнесуваат најмалку 11,6 милијарди евра, а овие трошоци ќе продолжат да се зголемуваат до крајот на 2024 година.

„Газпром” почна да го намалува снабдувањето со гас за Германија преку подводниот гасовод „Северен поток” во средината на јуни, наведувајќи наводно технички проблеми.

Берлин го отфрли тоа објаснување, оценувајќи го како покритие за политичката одлука на Москва насочена кон зголемување на цените и создавање несигурност.

На крајот на август престанаа сите испораки на руски гас за Германија, која ја поддржува Украина во војната меѓу таа земја и Русија, а војната започна на 24 февруари со руската инвазија.

„Унипер” претрпе огромни загуби поради намалувањето и на крајот откажувањето на испораките на рускиот гас затоа што, за да ги исполни своите договорни обврски кон клиентите, мораше да купува гас по далеку повисоки цени.

Владата во Берлин најави национализација на Унипер на крајот на септември.

Треба да знаете
Последни објави