Search

Германската влада од 15 јуни ги укинува предупредувањата за патувања во земјите од ЕУ

Германската влада планира од 15 јуни да ги укине предупредувањата за патувања во европските земји, воведени во средината на март, како дел од борбата против пандемијата на коронавирус, објави во германската новинска агенција (ДПА).

„Укинувањето на предупредувањето се однесува на 31 европска земја, односно на земјите членки на ЕУ, Велика Британија и земји што се наоѓаат во Шенгенот но не се членки на ЕУ“, објави ДПА, повикувајќи се на документ под наслов „Критериуми за овозможување европски туризам“, што треба да се усвои на редовната седница на владата.

Предуслов за укинување на предупредувањата за патувања е поволен развој на состојбата во онос на ширењето на пандемијата на коронавирус.

Германската влада предлага и низа заеднички мерки што треба да спречат повторна појава на пандемија, а исто така ќе побара од европските партнери да воведат мерки кои важат во Германија во случај на повторно враќање на заштитните мерки.

Правилото бара да се воведат строги заштитни мерки ако бројот на новозаболени случаи на 100.000 жители во даден регион надминува 50 во рок од една недела.

Земјите кои се познати како туристички дестинации, исто така, треба да развијат „остварливи концепти“ за да обезбедат придржување на мерките како што се одржување физичко растојание, носење маски и проветрување и дезинфекција на места каде што престојуваат туристи.

Концептите исто така треба да вклучуваат јасни мерки во случај туристите да се разболат, вклучително и доволен капацитет во болниците, како и објекти за тестирање на инфекции. Покрај тоа, препораките на Европската комисија за воздушно патување мора да бидат применети.

Германската влада бара од Европската комисија да развие постапка за проценка на примената на мерките во одделни земји.

Притоа, се наведува дека треба да се земе предвид односот помеѓу ризикот од инфекција и важечките мерки, како и „регионалните разлики“ во одделни земји.

Министерството за внатрешни работи, надлежно за отворање на границите, соопшти дека треба да се регулира прашањето за патување до и од земји кои не се членки на ЕУ, а во кои ситуацијата со ширењето на инфекцијата е поповолна отколку во некои земји членки на ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави