Search

Германија преку писмо бара од ЕК „солидарно решение” за мигрантските бродови

Хуманитарните бродови „Си Воч 3″ и „Си Ај”, кои пренесуваат педесетина мигранти спасени во Медитеранот, сѐ уште чекаат дозвола да се вкотват во некое европско пристаниште. Германија врши притисок за „солидарно” решение.

Германските министерства за надворешни и за внатрешни работи испратиле заедничко писмо до Европската Комисија за овој случај, дознава влијателниот весник „Политико Европа”.

Во писмото Германија „повторува” дека е подготвена да „придонесе за европско решение во духот на солидарноста”, стои во писмото чија содржина го пренесува Политико Европа.

Ова се однесува на двата споменати случаи (Си Воч 3 и Си Ај, нз) но и за спасувањата кои ги презема Малта кои не треба да создадат диспропорционален товар, укажуваат двете германски министерства.

Во текот на големата мигрантска криза во 2015 година, Германија прими најголем број мигранти и баратели на азил, но под притисок на јавноста и во отсуство на солидарност од другите земји членки на ЕУ, Берлин одлучи да стави крај на овие приеми.

Источноевропските земји, но и земји како Австрија и Италија, ги затворија исто така своите граници за мигрантите. Реформата на системот на азил на ЕУ, преку која требаше да се изнајде „фер и солидарно” решение за распоредувањето на мигрантите беше „закопана” во текот на изминатата година. Во меѓувреме, бродовите со мигранти сепак продолжуваат да пристигнуваат преку Медитеранот, иако со помал интензитет.

Германија преку писмо ја „охрабрува Европската Комисија да ги обнови своите напори започнати минатата година за координација на таков механизам без прејудицирање на реформата на Заедничкиот Европски Систем за Азил”, пишуваат министерствата.

Потранспарентен сигурен ад-хок механизам за излез и распоредување на лицата спасени во море, бара Германија. Механизмот, според Берлин, треба да обезбеди учество на максимален број земји членки и брзо идентификување во сигурно пристаниште.

Германија е посебно загрижена поради таканаречените секундарни текови, односно барателите на азил кои откако ќе стигнат во една земја членка на ЕУ од надворешните граници, патуваат потоа кон внатрешноста на Унијата.

Треба да знаете
Последни објави