Search

Германија нема податоци дека напаѓачот од Стразбур е џихадист

Германија нема информации кои укажуваат дека мажот осомничен за нападот на божиќниот панаѓур во источниот француски град Стразбур има исламистичка позадина, соопшти портпаролката на германското Министерство за внатрешни работи.

„Од гледна точка на Германија, немаме информации за посоченото лице кои би укажале дека е радикализиран исламист“, изјави портпаролката на редовната прес-конференција во германската влада, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.

Властите во Франција го идентификуваа напаѓачот како 29-годишниот Шериф Чекат и во тек е потрага по него, а според некои информации, можеби побегнал и во Германија.

Француски официјален претставник изјави дека напаѓачот ѝ бил познат на полицијата за голем број кривични дела што не се поврзани со тероризам, но додаде дека разузнавачките служби почнале да го следат човекот откако било забележано дека религиозно се радикализирал, иако никогаш не покажал знаци дека ќе го демонстрира тоа на дело и дека ќе изврши напад.

Во вчерашниот вооружен напад во Стразбур загинаа најмалку тројца луѓе, а 15 се повредени.

Треба да знаете
Последни објави