Search

Германија издаде меѓународни потерници за основачите на Мосак Фонсека

Германските судски власти издадоа две потерници за апсење на основачите на панамската адвокатска фирма „Мосак Фонсека” (Mossack Fonseca) околу која пред четири години избувна скандал по објавувањето на таканаречените „Панамски документи”.

Според „Зидојче цајтунг”, станува збор за 72-годишниот Јирген Мосак и 68-годишниот Рамон Фонсека. И двајцата имаат панамски пасош, а Панама генерално не ги екстрадира своите граѓани, наведува весникот. Затоа е исклучително мала веројатноста да се соочат со германската правда.

Мосак и Фонсека се осомничени за помагање во затајување данок. Претставник на обвинителството во Келн потврди „постоење на две меѓународни наредби”, но не прецизираше на чии имиња се издадени.

Во април 2016 година, Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ), со седиште во Вашингтон, објави извадоци од 11,5 милиони документи кои содржат информации за сметки во странство на голем број сегашни и поранешни светски лидери, истакнати политичари и претприемачи, спортисти и менаџери. Извештаите, наречени „Панамски документи”, се базираат на протекување од Мосак Фонсека – панамска компанија која обезбедувала правна поддршка за регистрација на офшор компании.

Во 2017 година, Германската федерална служба за кривични и правни прашања доби база со податоци од панамски досиеја од 2,8 терабајти и формираше работна група за проучување на информациите. Како резултат на тоа, во Германија беа отворени повеќе од 150 случаи.

Треба да знаете
Последни објави