Search

Германија: Европа треба да одговори со контрасанкции кон САД за мерките против „Северен поток 2″

Европа треба да одговори со санкции кон САД, доколку Вашингтон презеде мерки против компаниите кои учествуваат во изградба на гасоводот „Северен поток – 2″, повикаа од Германско-руската стопанска комора.

Во меѓувреме, Вашингтон подготвува закон за санкции и против изведувачите на гасоводот „Турски тек”.

Германија реагираше на гласањето на воениот буџет на САД во американскиот Сенат и на предлог законот за санкции против „Северен поток 2″ изгласан во Претставничкиот дом.

Во двата закони, за воен буџет и за санкции, вклучени се жестоки мерки против изградбата на овој и на „Турски тек”, уште еден руски гасовод.

-Жалиме за гласањето во Претставничкиот дом. Нашата позиција по екстратериторијални санкции е јасна – ние ги отфрламе, изјавија денеска од германското Министерство за економија, јави Гласот на Америка.

Според Германско-руската стопанска комора за надворешна трговија, гасоводот е од големо значење за енергетската безбедност на цела Европа. Оттаму повикаа на контрасанкции против САД во случај нацрт законот да биде одобрен. Тој беше осуден и од Рајнер Зеле, претседател на австриската енергетска компанија “ОМВ”, која е е коинвестор со руски Гаспром и други компании на проектот „Северен поток 2″.

Во предлог законот за „Северен поток 2″ се наведени мерки против компании чии бродови се ангажирани во положување на цевките по дното на Балтичкото Море. Во случајот со „Турски тек”, станува збор за можни санкции против изведувачите на копнениот дел на гасоводот, бидејќи подводните краци веќе се изградени.

Двата цевковода треба да бидат пуштени во употреба во 2020 година. Со проектите Русија сака да ја намали зависноста од транизитот преку Украина на својот извоз на енергенси.

Во Брисел сметаат дека „Северен поток 2″ ја прави Европа уште позависна од испораките на руски гас, е закана за внатрешниот енергетски пазар и ги нарушува енергетските политики на ЕУ.

Во случај изведувачите на гасоводите да ги исполнат предвидените рокови за изградба, санкциите против нив ќе бидат воведени по пуштањето на објектите во употреба. Се проценува дека со тоа тие компании ќе станат неефективни.

Покрај санкции против гасоводите, во воениот буџет се наведува и забрана за Владата на САД да го признае Крим за руски.

Треба да знаете
Последни објави