Search

Германија донираше ново амбулантно возило на штипската Клиничка болница

Амбасадата на Германија денеска донираше ново амбулантно возило на Клиничка болница-Штип, која е регионален Ковид центар. Германската амбасадорка Анке Холштајн истакна дека главен акцент на Германија и на земјите во ЕУ им е справување со пандемијата со Ковид-19 и нејзините последици.

-На Западен Балкан имаме партнери, коишто при борбата со пандемијата можат да се потпрат на нас. Германија досега го поддржа регионот со 13 милиони евра, освен тоа Европската Унија помага со 3,3 милјарди евра, во кои Германија учествува со скоро една третина, изјави Холштајн.

Донацијата на новото амбулатно возило, посочи, е 38.000 евра, а се реализира преку Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев истакна дека новото амбулантно возило е во кругот на болницата, а е добиено од Амбасадата на Германија во соработка со Невладината Фондација за развој на локалната заединица-Штип.

-Би сакал од мое име и од вработените на ЈЗУ Клиничка болница-Штип да упатам голема благодарност за оваа голема донација, којашто ќе биде од голема помош за нас. Јавноста знае дека Клиничка болница-Штип е регионален центар за справување во борбата со корона инфекцијата, лекуваме секојдневно голем број на пациенти, а во последно време имаме сериозно, висока бројка на пациенти, коишто се критично болни, кои се тешко болни и понекогаш ситуацијата налага некои од пациентите да ги префлиме на понатамошен третман на клиниките во Скопје, рече Ѓеорѓијев.

Посочи дека сигурниот и брз транспорт на критичните пациенти за да се спасат ќе го овозможи токму ова ново возило, донација од Амбасадата на Германија.

-Како и досега се надевам дека и идната година со сопствени средства и со помош на донации понатму ќе го јакнеме капацитетот на Клиничка болница-Штип и во однос на кадар и во однос на медицинска опрема, посочи Ѓеорѓијев.

Забележа дека како болница имаат уште две вакви возила, кои се комплетно опремени, а имаат и уште други три возила, кои не се опремени со современа медицинска опрема.

Треба да знаете
Последни објави