Search

Германија го намали извозот на оружје за една четвртина

Владата на Германија објави дека извозот на оружје опаднал за околу 23 отсто во 2018 година во споредба со годината пред тоа, односно од 6,24 милијарди евра на 4,82 милијарди евра.

Ваквиот тренд на опаѓање започна во 2015 година, кога Германија извезе оружје во вредност од рекордни 7,86 милијарди евра.

Според портпаролот на германското министерство за економија, ова се должи на одлуката на Канцеларката Ангела Меркел од октомври 2018 година целосно да ја укине продажбата на оружје на Саудиска Арабија по убиството на новинарот Џамал Кашоги.

„Канцеларката ѝ појасни на федералната влада кратко време по откривањето на случајот со Кашоги дека веќе нема основа за продажба на оружје на Саудиска Арабија“, изјави портпаролот.

Од министерството потврдија дека позицијата останала непроменета во последните неколку месеци и дека во последниот квартал од минатата годината не е остварена продажба на оружје на Саудиска Арабија.

„Моментално нема дозвола за извоз на оружје во Саудиска Арабија“, потврди портпаролот.

Забраната ќе остане на сила до март оваа година кога владата на Германија ќе треба да одлучи дали истата ќе продолжи да важи.

Треба да знаете
Последни објави