Search

Германија го забранува „преобраќањето“ на хомосексуалци под 18 години

Да се ​​биде геј не е болест, вели германскиот министер за здравство Јенс Шпан, а тоа наскоро треба да биде потврдено и со закон. Имено, Германија најавува законска забрана за контроверзните третмани за лечење на хомосексуалноста, пренесува Б92 повикувајќи се на „Дојче Веле“.

Според предлог законот, т.н. „терапија за преобраќање“ треба да биде целосно забранета за секого под 18 години. Сепак, законот не предвидува целосна забрана – возрасните можат да бидат подложени на „терапија за третман на сексуалноста“, иако под ограничени услови.

Практиката не би била законска доколку некое лице се согласи на терапија откако било измамено, принудено или под закана, а на оние што ќе го прекршат законот може да им се изрече затворска казна до една година или парична казна. Предлог-законот не прецизира колкава би можела да биде казната.

Другите терапии кои третираат сексуални склоности, како што се егзибиционизам или педофилија, се исклучени од законот.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан, кој инаку се декларира како геј, истакна дека да се биде припадник на ЛГБТ заедницата не е болест и дека сексуалноста не треба да се третира така. Шпан додаде дека најавената законска забрана е јасна порака до општеството и луѓето кои се борат со својата сексуалност: „Вие сте сосема добри онакви какви што сте“.

Треба да знаете
Последни објави