Search

Генерал Ѓурчиновски во посета на македонските мировници во Либан

По 12 години учество на македонски мировници во мисијата УНИФИЛ во Либан, делегација на АРМ предводена од началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, прв пат е во посета на оваа мисија на Обединетите Нации.

Како што соопштија од АРМ, Ѓурчиновски по пристигнувањето бил пречекан со воени почести во главната команда на УНИФИЛ во базата Нагура, која се наоѓа во непосредна близина на границата на Либан со Израел. Во рамките на посетата, тој остварил работна средба со командантот на силите на УНИФИЛ, генерал-мајор Стефано Дел Кол од италијанската армија и заменик на директорот на мисијата од пакистанските вооружени сили, Имран Риза.

На средбата било потенцирано несебичното залагање и професионализмот на македонските претставници во мисијата, при што е изразена благодарност за активниот придонес на Армијата на Република Македонија во меѓународните мировни мисии.

За време на посетата на мисијата, согласно програмата, Началникот го посетил здружено оперативниот центар на УНИФИЛ, каде извршува должности еден штабен офицер на АРМ.

Од АРМ информираат дека во текот на денешниот ден, генералот Ѓурчиновски ќе ја посети и командата на секторот Запад, каде за прв пат оваа година во септември Македонија испрати уште двајца штабни офицери кои ги извршуваат дадените задачи во мисијата во состав на италијанскиот контингент. За време на посетата генералот ќе оствари средба со командантот на сектор запад, бригадниот генерал Диодато Абагнара.

Република Македонија својот придонес во мировната операција предводена од Организацијата на Обединетите Нации во Либан, УНИФИЛ, го започна со донесување на одлука од страна на Собранието на Република Македонија на 27 април 2007 година.

Во моментот во мисијата УНИФИЛ во Либан учествуваат 42 земји членки на Обединетите Нации со околу 10.600 мировници. Мандатот на УНИФИЛ согласно Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на Обединетите Нации е одржување на мирот во јужен Либан, превенција од евентуален конфликт помеѓу Либан и Израел и посредување во преговорите помеѓу владите на овие две земји за постигнување на посакуваната цел – мир и стабилност во регионот.

Треба да знаете
Последни објави