Search

Гвардиол наскоро ќе стане најскапиот дефанзивец во светот

Јошко Гвардиол го воодушеви фудбалскиот свет со своите настапи за Хрватска на Мундијалот. Младиот дефанзивец особено блесна на натпреварот против Белгија и најверојатно ќе го напушти Лајпциг во еден од следните два преодни рока и ќе потпише за голем европски клуб.

Летово Гвардиол беше поврзуван со Челзи, но на крајот остана во Германија и го продолжи договорот. Неговиот агент Марјан Шишиќ тврди дека се уште нема договор со ниту еден од заинтересираните клубови.

„Во врска со евентуален трансфер во летото 2023 година, не брзаме и можам да појаснам дека нема договор со ниту еден клуб. Секако дека за него се заинтересирани многу врвни клубови, но Јошко има долгорочен договор со Лајпциг и тој е среќен таму, тој се развива неверојатно и игра многу добро под водство на тренерот Марк Росе“, изјави Шишиќ.

Шпанските медиуми пренесуваат дека во борбата за Гвардиол се вклучил и актуелниот европски шампион Реал, а британски „Стандард“, пишува дека освен Челзи и Реал заинтересирани се и Барселона и Манчестер сити.

Се очекува Гвардиол да го смени клубот за отштета од околу сто милиони евра. Ова би го направил најскапиот дефанзивец во историјата, бидејќи би го симнал од тронот Хари Мегваер, актуелен рекордер, за кого Манчестер јунајтед пред три години му плати на Лестер 87,1 милиони евра.

Лајпциг би можел да заработи пет пати повеќе од Гвардиол од она што му го плати на Динамо. Имено, Гвардиол минатото лето се пресели во Лајпциг со отштета од 18,8 милиони евра.

Според договорот со Лајпциг, Динамо има 20 отсто од заработката на Лајпциг кога Гвардиол ќе биде продаден во трет клуб.

Треба да знаете
Последни објави