Search

Гатузо: Роналдо е совршена машина

Во пресрет на вечерашниот натпревар од Суперкупот на Италија против Јувентус, Џенаро Гатузо одвои време за да го пофали Кристијано Роналдо пред медиумите. Гатузо имаше шанса да се соочи со Португалецот како играч и како тренер, па затоа реши да направи споредба помеѓу „стариот“ и „новиот“ Роналдо.

 

Откако пристигна во Јувентус, Кристијано Роналдо постигна 15 гола на 25 натпревари за италијанскиот шампион, но вели дека головите не му се толку важни како титулите, кои ги очекува на крајот од сезоната.

Првата шанса за трофеј Роналдо ќе ја добие вечерва, кога со почеток од 18:30 часот ќе се сретне против Милан, во борба за Суперкупот на Италија. Јувентус е голем фаворит, а една од најголемите причини за фаворитската улога е присуството на португалскиот напаѓач.

„Кристијано стана неверојатен играч во последните седум или осум години. Кога го запознав пред многу години тој правеше многу трикови, се обидуваше да биде атрактивен и да ја воодушеви публиката, но сега прави сѐ многу брзо, квалитетно и моќно. Сака да постигнува голови и да ги измачува противниците“, вели Гатузо.

Тренерот на Милан напомена и дека Роналдо воопшто не старее. Според него, токму тој ќе биде најголемата опасност за Милан во вечерашниот меч.

„Тој се промени во последните неколку години и сега е совршена машина. Колку повеќе старее, толку побрз изгледа“, додаде Гатузо.

Милан и Јувентус вечерва ќе се обидат да стигнат до рекордна осма титула во Суперкупот. Натпреварот ќе се одигра во градот Џеда во Саудиска Арабија.

Треба да знаете
Последни објави