Search

Ганиу: Чаирчани ќе имаат убав стадион, реновирани сали, фитнес зони на отворено

Чаир е просторно најмалата скопска општина, но најгусто населена. Нема простор каде да се проширува, но затоа пак оној кој го има под своја контрола го уредува за да биде пристојно и урбано место за живеење. Во оваа агенда не се забораваат најмладите за кои се создваат услови  да спортуваат, да имаат физички активно секојдневие, наместо да бидат „робови“ на неизбежната технолошка инвазија која го „меле“ човекот. Со ваков предизвик се зафати Висар Ганиу, кој меѓу сограѓаните е познат како човек кој беше активно анагжиран во спортот – фудбалот, на кого сега му враќа како „татко на општината“ со комплетирање на стадионот во Чаир со изградба на уште една трибина. Градоначалникот на чаирчани, Ганиу втора година одработува од четиригодишниот маднат, а за она што е реализирано и што треба да се направи зборува за 24 ИНФО во серијалот што направија со градоначалниците.

– Две години откако сте на функцијата градоначалник. Што беше планирано за овој период, а што е остварено?

Во месец Ноември се прават точно две години откако го започнав мандатот како Градоначалник на Општина Чаир и уште од самиот почеток главен приоритет ми е остварување на ветените проекти кои тематски се однесуваат на: подобрувањето на патната инфраструктура, подигнувањето на нивото на јавна чистота, зголемување на зелените површини, преземање на мерки за поквалитетен образовен процес преку реновирање на основните училишта и детските градинки, поттикнување на креативноста на младите и факторизирање на нивниот глас во општеството, подобрување на локалната спортска инфраструктура и реализација на многу други активности кои во текот на мандатот се издвојуваат како неопходни и приоритетни за граѓаните на Општина Чаир. Сакам да истакнам дека за поголемиот дел предвидени конкретни проекти се започнати соодветните законски постапки и за поголемиот дел од нив тие се веќе завршени. Досега, можам да ги набројам следните извршени активности:

Започната е изградбата на новата трибина на стадионот на Ф.К. “Шкупи“ процес поддржан од ФФМ и УЕФА со поместување на теренот одвнатре со цел да се зачувува недопрена површината на паркот во Чаир;

Со наша голема поддршка и соработка на граѓанскиот сектор, бизнис заедницата и Амбасадата на САД се отвори Младински Центар на адреса Вуковарска бр. 17;

Извршено е реновирање на повеќе основни училишта меѓу кои: ОУ “Лирија“, О.У. “Васил Главинов“ и О.У. “Рајко Жинзифов“, објектот “Цвет“ на детската градинка Фидани;

Ги отстанивме дивите поставени тераси во Старата Скопска Чаршија кои не поседуваа документ за тоа;

Асфалтирање на многу локални улици низ територијата на општина Чаир, поставување на нова хоризонтална и вертикална сигнализација низ тие улици, преку коректната соработка со Град Скопје се изврши целосна реконструкција на булеварот Крсте Мисирков во Бит Пазар, уредување на тротоарите низ општината со користење на бекатони;

Поставување на фитнес зони на отворен простор и детски реквизити низ повеќе локации;

Акции за заштита на лојалната конкуренција преку инспекциски интервенции на незаконското продавање на недозволени места наменети за движење на граѓаните;

Формирање и функционирање на посебна единица формирана од општина Чаир за чистење на улиците, употреба на посебни камиони за собирање на отпад и на камион за перење на улиците. Секојдневните акции на оваа екипа се водат со посебна агенда утврдена од страна на инспекторите за животна средина која ја покрива целата територија. За реализацијата на тие самостојни акции и на многу акции во соработка со ЈП Комунална Хигиена постојано ги имаме известено граѓаните настојувајќи со тоа подигнување на општата свест;

Како резултат на соработката со ЈП “Паркови и Зеленило“ се изградија повеќе нови паркови на повеќе локации низ општината и се реконструираа постојните паркови. Општина Чаир се погрижи за поставување на нови парковски клупи, корпи за отпадоци низ парковите и регулирање на уличното осветлување; Поддржуваме во континуитет одржување на културни настани како што се Звуците на Чаршијата, го органзиравме Балканскиот Базар за рачни ракотворби и стари занаети, ги поддржуваме нашите спортски кои бележат фантастични настапи на меѓународните турнири.

За многу кратко време ќе започне реконструкцијата на спортската сала “Партизан“, ќе се започе со изградбата на спортската сала на О.У. “Конгреси и Манастирит“, изградбата на еден училишен базен, изградбата на уште еден младински центар, реализација на проектот за зачувување на автентичноста на Старата Скопска Чаршија за кој имаме добиено грант од страна на Светската Банка и многу други проекти за кои навремено ќе ве известиме.

– Каква е соработката со централната власт ?

Со централната власт остваруваме ефикасна и коректна соработка, посебно би ја истакнал поддршката во реализацијата на неколку проекти од: Министерството за Економија, Министерството за Образование и Наука, Министерството за Финансии и Министерството за Животна Средина. Во рамките на нашата општина Одделението за локален економски развој будно ги следи јавните повици за аплицирање во проекти на централната власт. Се разбира дека еден од најголемите предизвици за една единица на локална самоуправа во Република Северна Македонија е и незавршениот процес на децентрализација, процес којшто сега го интензивираме преку поставување на барање со меѓусебно општинско координирање во ЗЕЛС. Со тоа се стремиме кон преземање на поголеми ингеренции кои би го олесниле нашето институционално функционирање и поголеми средства за менаџирање на секојдневните локални проблематики. Тука сакам да ја напоменам како пример потребата од зголемување на блок дотациите кои со моменталните износи не соодвествуваат на фактичката состојба на потребите на основните училишта и предизвикуваат сериозен проблем. Значи има потреба од поголемо интензивирање на овој неопходен процес.

– Колку новите обврски Ви оставаат простор за приватниот живот ?

Се разбира дека преокупацијата со новите обврски зафаќа сега голем дел од мојот секојдневен живот, но секогаш поминувам и драгоцено време со моето семејство бидејќи пред се од таму ја имам најголемата поддршка и мотивација за остварување на професионалните обврски.

– Што им ветувате на граѓаните за следниот период и дали ќе се кандидирате на следните избори ?

За следниот период на граѓаните им ветувам максимална посветеност за реализација на многу проекти во служба на подобрување на нивниот живот. Истотака, моментално не размислувам за евентуално повторно кандидирање бидејќи главен приоритет ми е реализацијата на утвдените цели за подобра иднина пред се на жителите на Општина Чаир.

Драган Николовски

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави