Search

Газидис одговори дали е во војна со тандемот Малдини-Бобан

Главниот извршен директор на Милан, Иван Газидис даде интервју, откако зборуваше за тоа што се случува во клубот и дали имало расправија помеѓу него и спортскиот и техничкиот штаб на „росонерите”, во лицето на Паоло Малдини и Звонимир Бобан. Силниот човек на „Сан Сиро” зборуваше пред „Газета Дело Спорт” и за идните планови на хеџ-фондот „Елиот” во клубот.

– Во Милано нема два табора. Ова не е точно. Има само еден Милан, со јасен план на кој работат сите во клубот. Да не го мешаме спорот со конфронтација. Ако размислувањата на една личност беа доволни за клубот, немаше да има потреба од други луѓе, рече Газидис.

Извршниот директор на „росонерите” зборуваше и за гласините за менување на актуелниот тренер со Ралф Рангник.

– Не сум разговарал за други луѓе, но можам да кажам дека Пиоли прави одлична работа. Тој има договор за уште една година и во моментов не размислуваме за други тренери, додаде тој.

Иван Газидис сподели дека на Милан му треба нов стадион.

– Ја почитувам митската историја на „Сан Сиро”, но потребен е нов побезбеден објект, рече извршниот директор на Милан.

Тој посочи и дека сака талентите од училиштето на Милан да станат врвни играчи.

– Да направиме мешавина од млади и искусни фудбалери. Како Ибрахимовиќ, кој имаше огромно влијание кога дојде. Ова е многу добро од гледна точка на лидерите во тимот, рече Газидис.

Во однос на плановите на „Елиот” во клубот, поранешниот шеф на Арсенал вели дека Милан не е финансиска инвестиција, но сите ја знаат социјалната вредност на клубот.

– Милан им припаѓа на играчите. Јас добро ја познавам приказната на Милан. Ние сакаме да го вратиме клубот таму каде што треба, но без да ризикуваме други финансиски кризи. Ќе одиме чекор по чекор да се усогласиме со финансискиот ферплеј. Тимот, структурата, приходите и инвеститорите треба да растат заедно, рече Газидис.

Треба да знаете
Последни објави