Search

Вучиќ: Ќе ги решиме несогласувањата со САД поради руското оружје

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа од Женева порача дека граѓаните на Србија не треба да бидат загрижени поради можните санкции од САД, за кои се зборува во јавноста поради купувањето руско оружје. Вучиќ истакна дека ќе ги реши евентуалните несогласувања со американските партнери.

– Кога САД носат одлука за санкции, а не ги донесуваат лесно, ги воведуваат на некоја компанија или поединец, а не на народ, изјави Вучиќ од Женева, каде учествува на средбата Стратешки дијалог за Западен Балкан.

Тој оцени дека некои луѓе во Србија шират такви приказни за да внесат доза несигурност и страв и нагласи дека „Србија води одговорна политика” за да избегне „каков и да е проблем”.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ вчера најави дека во Белград доаѓа директорот во американскиот Стејт департмент задолжен за примена на санкции кон Русија и за земјите кои ги кршат тие санкции. Српскиот министер изјави дека „официјалниот претставник, Томас Зарзецки, ќе има разговори во Министерството за надворешни работи, како и во министерствата за одбрана и финансии, за да се запознае со ситуацијата”.

Дачиќ додаде дека Зарзецки веќе има посетено „шеесетина земји”, истакнувајќи дека Србија ги нема прекршено санкциите што ги воведоа САД за набавка на оружје од Русија и дека нема причина за воведување на санкции.

Русија во следните неколку месеци ќе го испорача на Србија ракетниот систем „Панцир С”, согласно потпишаниот договор, најави вчера директорот на руската Агенција за увоз и извоз на одбранбени производи „Рособоронекспорт” Александар Михејев. Тој потенцираше дека сè се одвива според планот и нема да има одложувања.

Пред десетина дена, на воената вежба „Словенски штит 2019″ во Батајница беше прикажан овој ракетен систем. Тој беше донесен како придружен на ракетниот систем С-400. Српскиот министер за одбрана Александар Вулин вели дека ова оружје гарантира долготраен мир.

Но, специјалниот претставник на американскиот државен секретар за Западен Балкан Метју Палмер минатата недела ја пренесе загриженоста на САД поради присуството на воена опрема во Србија.

– Постои доза на загриженост поради распоредувањето руска воена опрема на територијата на Србија, но и поради можноста Србија да набави специфични руски системи. Тоа би довело до ризик да и се воведат специфични санкции поради купување руска воена опрема. Се надеваме дека нашите српски партнери се свесни за тоа, изјави Палмер во интервјуто за македонската телевизија Алсат М.

„Панцир С” е топовско-ракетен систем, кој обединува ракети земја-воздух, два топа со калибар 30 мм, набљудувачки и нишански радар, и електрооптички блок за надзор и управување со стрелба. Основна намена на системот е заштита на важни точки, како што се аеродроми, командни места, комуникациски центри и слично. Наменет е за одбрана од авиони, хеликоптери, крстосувачки ракети, беспилотни летала и наведувани бомби. Исто така, може да дејствува и против површински цели – тенкови, оклопни транспортери, борбени пешадиски возила.

Треба да знаете
Последни објави