Search

Вучиќ телефонски разговараше со претседателот на Азербејџан за извозот на оружје за Ерменија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оствари денес телефонски разговор со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, за извозот на оружје и воена опрема во тој регион и ја изрази решеноста на Србија да не се меша во постојните спорови, почитувајќи ја неповредливоста на границите на земјите членки на Обединетите нации, соопштија од кабинетот на српскиот претседател.

Како што јави допсиникот на МИА од Белград, во соопштението се наведува дека Вучиќ изразил сочувство за жртвите од неодамнешниот вооружен инцидент на азербејџанско-ерменската граница и потенцираше дека Србија е посветена на мирно решавање на споровите преку дијалог, почитувајќи ги постигнатите договори и без еднострани чекори.

-Затоа тој повторно испрати покана до претседателот на Азербејџан да ја посети Србија, а датумот на посетата ќе биде договорен во наредниот период, се наведува во соопштението.

До телефонскиот разговор на двајцата претседатели дојде откако на средината на јули Министерството за надворешни работи на Азербејџан изрази длабоко разочарување и збунетост поради сознанијата дека Србија продала голема количина на минофрлачи и друго оружје од различни калибри во Ерменија, која потоа ова оружје на 12 јули го користела во напад врз азербејџанските полицајци на границата меѓу двете држави.

Заменик министерот за надворешни работи на Азербејџан, Калаф Калафов, за ова ја известил српската амбасадорка во Баку, Даница Веиновиќ, истакнувајќи дека овој случај „фрла сомнеж на пријателските односи и соработката меѓу двете држави на највисоко ниво”.

По избивањето на аферата со трговија со оружје во која се најде Србија, министерот за трговија Расим Љајиќ изјави дека оружјето е извезено во Ерменија од приватна компанија чие име не смее да го изнесе во јавност, дека се извезени главно пушки и пиштоли, дека вредноста е помала од еден милион евра и дека стоката е испорачана во два наврати, во мај и јуни.

Додека од амбасадата на Азербејџан во Белград бараа од властите во Србија да се воздржат од продажба на оружје на Ерменија, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 27 јули за прв се огласи за аферата, изјавувајќи дека оружјето произведено од Србија се продава и на едните и на другите, затоа што тоа е единствен начин да се обезбеди успешност на домашната наменска индустрија.

Треба да знаете
Последни објави