Search

Вучиќ: Одложувањето на изборите во Србија е малку веројатно

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, истакна денеска дека Србија веќе доцни со изборите и дека не разбира како некој мисли дека со воведувањето вонредна состојба или со неуставно однесување, тие понатаму да се одложуваат.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Вучиќ на новинарите во Белград на прашањето за постоењето на можноста за влошување на епидемиолошката состојба, што би претставувало пречка за одржување изборите, кажа дека најважно е здравјето на граѓаните, но дека нема причина да се очекува таков развој на епидемијата со коронавирусот, како и дека не гледа дека одложувањето би променило нешто посериозно за оние што бараат одложување.

Вучиќ, наведувајќи дека изборите во Хрватска најверојатно ќе се одржат на 5 јули, дека тие се можни и во Македонија, а дека дел од опозицијата во Србија бара од Европскиот парламент да ги одложи во Србија, кажа дека, според Уставот и законите, изборите веќе доцнат, два-три месеци.

-Веќе ги надминавме сите дозволени рокови и не разбирам како некој мисли дека со воведување вонредна состојба или со противуставно однесување, можеме да ги одложиме и понатаму, оцени Вучиќ.

Тој потсети дека во Хрватска ќе се одржат предвремени избори, што не е за споредба.

-Ова е како да полагате испит, секогаш кога одложувате еден месец, два или три и мислите дека тоа ќе ви помогне, обично првиот месец или два не учите ништо. Затоа е подобро да запнете и да се подготвите и да излезете во првиот рок. Ништо сериозно нема да се промени со одложувањето, кажа тој.

Вучиќ исто така рече дека изборите закажани за 21 јуни ќе бидат одложени доколку има неконтролирано зголемување на бројот на заразени со вирусот, но посочи дека не мисли дека такво сценарио ќе се случи.

-Нема да има одложувања ако ги контролираме работите, но ако имаме проблеми со растот на бројот на заразени, ако не можеме да ги контролираме работите, нема сомнение дека во тој случај ќе донесеме поинаква одлука, бидејќи за нас здравјето на луѓето е многу поважно од која било политичка победа и од што било друго, изјави Вучиќ. 

Треба да знаете
Последни објави