Search

Вучиќ на вонредни средби со амбасадорите откако Харадинај ги зголеми царините за 100 отсто

Српскиот претседател, Александар Вучиќ денеска попладне ќе оствари вонредни средби со амбасадорите на Кина, Русија, ЕУ, а за подоцна закажа и седница на Советот за национална безбедност, по повод најновите мерки на Приштина, соопшти Кабинетот на шефот на државата.

Приштина денеска, и покрај договорот на ЦЕФТА, ги зголеми таксите на стока од централна Србија за 100 проценти. Таквиот потег на Приштина српските власти го сметаат за „политички најпредизвикувачка и најтешка ситуација по нелегалното прогласување независност на Косово”.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, по воведување на новата такса од 100 отсто на производите од Србија, објави преку Фејсбук дека Владата денеска одлучила и да се спречи увозот на сите производи во чија документација не пишува дека се увезуваат во Република Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Реакцијата на Владата во Приштина за зголемување за 100 отсто на таксите за увоз од Србија и Босна и Херцеговина следи по вчерашната блокада од страна на Белград на зачленувањето на Косово во Интерпол. Одлуката, пак, да се запре увозот на производи на кои не пишува дека се наменети за Република Косово, е реакција на извештаите од последниве денови во приштинските медиуми дека во земјата влегуваат производи на кои пишува „Увозник за Косово и Метохија”, што е името кое за Косово се користи во Уставот на Србија, а кое е неприфатливо за косовските Албанци.

Треба да знаете
Последни објави