Search

Вучиќ во Давос: Потребен ни е сигнал од ЕУ

 Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска во Давос, дека од европските лидери со кои разговарал не добил директни одговори на прашањето дали на Србија ќе и се даде можност за членство во ЕУ, ако се реши косовското прашање со компромис.

-Не добив директни одговори, немаше директни одговори, бидејќи што и да прашате, секогаш го добивате истиот одговор, забележа Вучиќ.

Според него на Дипломатскиот дијалог на темата за Западен Балкан во фокусот биле три точки: новата европска методологија, потоа кога Северна Македонија и Албанија ќе добијат отворање на поглавја и трето промоција на идејата за Западен Балкан во ЕУ на самитот во Загреб во мај.

Тој додаде дека на панелот се зборувало и за европскиот пат на Србија.

-Вие велите, ” Сè е супер, но каде е тука Србија ‘… и тогаш нема одговори или се такви …”, не заврши претседателот на Србија.

Вучиќ додаде дека секогаш зборуваат за тоа дали ќе направат нешто со Северна Македонија и Албанија, но секогаш заборават дека Србија е на европски пат веќе 20 години.

– Мислам дека има нешто повеќе од самото исполнување на бирократските услови, а тоа е стратешки план за иднината на регионот. Прашањето е каде нè гледаат – како членки на ЕУ или не? Добро би било да го знаеме тоа, објасни Вучиќ, констатирајќи дека „на регионот му е потребен сигнал од ЕУ.”

Српскиот претседател говорејќи за собирот во Давос, кажа и дека очекува специјалниот пратеник на Доналд Трамп, Ричард Гренел, да гo посети Белград во наредните денови.

Вучиќ ова го изјави по состанокот со американскиот советник за национална безбедност Роберт О’Брајан.

-Имавме долг, отворен, искрен и многу пријателски разговор. Му реков дека ние сме единствената земја, не само во нашиот регион, туку и во поширокото опкружување, која го поддржуваше изборот на Трамп и дека би сакале да го угостиме, како и самиот О’Брајан. Очекувам во наредните денови повторно да го угостам Гренел во Белград, изјави Вучиќ во Давос.

Вучиќ изјави и дека на неформалниот собир во Давос, на кој присуствуваше и косовскиот претседател Хашим Тачи, тој зборувал за проблемите што ги има Србија во регионот, додека Тачи зборувал повеќе за визната либерализација.

-Тачи истакна дека некои во Европа не го поздравија договорот меѓу Белград и Приштина за воведување на авиолинија и праша дали е тоа заради поддршката на САД, кажа Вучиќ.

Претседателот на Србија изјави дека споменал за продолжување на дијалогот и укинување на таксите наметнати од Приштина и оти видел дека неговите соговорници сфатиле зошто е тоа проблем, а и тие се против таксите.

-Утре треба да зборуваме за возови, но каква смисла има тоа ако нашите производи не можат со воз да влезат во Косово?, кажа Вучиќ.

Треба да знаете
Последни објави