Search

Вухан ги покани експертите од СЗО да помогнат во борбата против новиот корона вирус

Администрацијата на градот Вухан и кинеските власти ги поканија експертите од Светската здравствена организација (СЗО) да помогнат во борбата против ширењето на новиот корона вирус 2019-нКоВ, изјави заменик-шефот на кинеската Национална здравствена комисија, Ли Бин, пренесува ТАСС.

„Градот Вухан секојдневно ги објавува информациите за новиот корона вирус и спроведува интензивна работа за известување за населението.Поканивме експерти од СЗО, Хонг Конг, Макао и од Тајван да дојдат во Вухан за да ја проучат ситуацијата и да учествуваат во работата за спречување на ширење на вирусот“, рече Ли.

Тој посочи дека Пекинг ќе остане целосно транспарентен во борбата против новиот корона вирус и навремено ќе ги извести сите земји, вклучително и Русија, за успесите во спречувањето на ширење на вирусот.

Според последните извештаи, бројот на смртни случаи при избувнување на новиот корона вирус во Кина достигна девет, а потврдени се и 440 случаи на заразени со вирусот. На 31 декември кинеските власти ја известија Светската здравствена организација за појава на нов вид пневмонија во градот Вухан во централна Кина. На 7 јануари кинеските специјалисти го утврдија вирусот зад инфекцијата – корона вирус 2019-нКоВ. Сите сомнителни случаи на новата пневмонија биле тестирани за корона вирус.

На 20 јануари кинеската Национална здравствена комисија потврди дека корона вирусот 2019-нКоВ може да се пренесе од човек на човек.

Лекарите велат дека симптомите на новиот корона вирус вклучуваат течење на носот, кашлица, болки во грлото и затегнатост во градите. Мигрена и треска се исто така можни и тие можат да траат неколку дена. Ризичната група вклучува луѓе со компромитиран имунолошки систем, како постари лица и деца. Кај нив се присутни симптоми слични на оние на пневмонија и бронхитис.

Треба да знаете
Последни објави